ТОШКОВСКИ : СЕУШТЕ НЕМА НИТУ ЕДЕН УАПСЕН ЗА ШВЕРЦОТ НА МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ

0
186

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека по десет дена од спречениот шверц на мобилни телефони од 3 милиони евра, нема ниту еден уапсен, но дека се надева оти во брзо ќе видиме и приведување на некој осомничен.

– Факт е дека огромен пропуст е сторен од страна на царинските служби. Дали било со умисла, дали бил од небрежност – тоа ќе покаже истрагата. Таму си постапува јавен обвинител, Министерството и сите други надлежни органи постапуваат по негова координација и се надевам дека во многу брзо време, за оние коишто го терале овој процес – подолг временски период, според информациите што ги имам, ќе се преземат соодветни мерки. А, притоа, буџетот на Македонија нема да биде оштетуван ни во иднина, вели Тошковски.

Тој додава дека првичните информации покажуваат дека сумата со која е оштетен е многу поглема, како и дека бројот на откриени телефони што се споменува, од информациите што ги добива, е преголем за потребите на Македонија.Од таа причина, Тошковски упатува јавно прашање која била целта на влезот на толква количина на мобилни телефони во државата и дали тие потоа стануваат дел од поголем шверц.

„Овој случај ќе се развива во иднина. Се постапува по наредба од јавен обвинител и мислам дека овој случај ќе води до доста интересни прекршувања на закони, интересни бројки и интересни оштетувања на буџетот“, вели Тошковски.Министерството за внатрешни работи на подрачјето на Скопје пред десет дена заплени мобилни телефони во вкупна маса од два тони во 30 пакети.

Според неофицијални информации, станува збор за околу 5.000 примероци и вкупната вредност би можела да достигне до 3 милиони евра, додека пак застапени се модели iPhone и SamsungЗасега не е познато каде е направена заплената и кој ги донел овие телефони во Македонија, а она што е познато е тоа дека случајот е пријавен кај надлежен јавен обвинител и кај мобилната Царина.Неофицијално, транспортот се движел по рутата Дубаи-Истанбул-Скопје, а сомневањата се појавиле кога царинската фактура за толку голема пратка изнесувала само 36 илјади денари.Полицијата првично запрела камион, а потоа при рацијата биле пронајдени и мобилни телефони, чија дестинација допрва ќе се утврдува.