СТЕВАНАНЏИЈА : БОРЧЕ ЈОВЧЕСКИ КАКО ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ПРИЛЕП ВО СОУ ,,ЃОРЧЕ ПЕТРОВ” ИМА НУЛА СРЕДСТВА ИНВЕСТИЦИИ И ПРЕКУ ХАЈКА ДВЕ НЕЗАКОНСКИ РАЗРЕШУВАЊА НА ДВЕ ДИРЕКТОРКИ, ПЕТРА ЛУКАРОВСКА И АНГЕЛКА БАРАКОСКА

0
624

Гледајќи ги јавните настапи на Борче Јовчески, човек не може а да не се запраша: колку треба да биде очаен еден градоначалник, за да на почетокот на школската година се слика во училиште во кое за две години инвестирал малку повеќе од НУЛА средства?

И згора на се’, за срамот да биде поголем, да изјави дека инфраструктурните уредувања ќе продолжеле и во наредниот период!

Добро е што прилепскиот градоначалник и актуелната директорка на средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ констатираа дека наставата се одвива во одлични услови. Дека училиштето е хортикултурно уредено и дека се подобрени условите за изведување на теоретската и практичната настава.

Но, и двајцата пропуштија да кажат една „ситница“: дека сето тоа е дело на претходната директорка Петра Лукароска, која со средства на Министерството за образование и наука во висина од 200.000 евра, училиштето го реконструираше од темел.

Со дополнителната финансиска помош од општинскиот буџет и тогашниот градоначалник Илија Јованоски и со сопствени средства, Медицинското училиште доби целосно нов лик и прерасна во една од најубавите образовни институции во поширокиот регион.

И наместо новата локална власт да и’ даде поддршка на Лукароска да ги реализира и останатите аплицирани проекти, ДПМНЕ организираше хајка за изнудување нејзина оставка. Откако тоа не се случи, и покрај нејзиниот важечки мандат, со потпис на градоначалникот Јовчески на незаконски начин Петра Лукароска беше разрешена од директорското место.

За отсуството на елементарен демократски капацитет на Борче Јовчески, зборува фактот дека нему ништо не му значи ниту Одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која утврди дека не постои оправдана правна причина за разрешување на Лукароска.

Дополнително, со правен акт, вознемирување врз основа на политичко уверување од страна на градоначалникот Јовчески е констатирано не само во случајот со Петра Лукароска, туку и при разрешувањето на Ангелка Баракоска, директорка на Основното општинско училиште „Блаже Конески“.

Имено, токму така гласи мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, чии препораки Јовчески исто така не ги зема предвид.

Почитувани сограѓани,

Ова е вистинското лице на Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ, кои две години во континуитет покажуваат дека ништо не се променило во политичката матрица на сопартијците на злосторничкото здружување.

Заслепени со омраза кон политичките конкуренти, градоначалникот и неговата партија не можат да се помират со реализираните проекти во прилепските училишта од страна на претходната локална власт и Владата предводени од СДСМ.

Како и безброј пати досега, и во овој случај ВМРО-ДПМНЕ и Борче Јовчески докажаа дека личните и партиските интереси секогаш имаат приоритет во однос на интересите на граѓаните на општина Прилеп.