СРЕДБА ГРКОВСКА – ФЛОРИДИС : НЕЗАВИСНИ И САМОСТОЈНИ ИНСТИТУЦИИ СЕ КЛУЧНИ ЗА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

0
220
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска оствари работна средба со министерот за правда на Република Грција, Јоргос Флоридис.

Вицепремиерката Грковска информираше дека Европската Унија, во рамките на билатералниот скрининг, веќе го објави извештајот за првиот Кластер „Фундаментални вредности“, каде се дефинирани реформите кои нашата држава треба да ги преземе во наредниот период, а кои се однесуваат на владеењето на правото, реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, зајакнување на функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација.

Таа додаде дека клучна цел на Република Северна Македонија, од аспект на доброто владеење е зајакнување на транспарентноста, јакнење на независноста на институциите, интегритетот и мерит системот во правосудниот сектор. Вицепремиерката Грковска информираше дека нејзиниот Кабинет ја води координацијата на институциите надлежни за спречување на корупцијата, водејќи посебно внимание во ниту еден момент да не се наруши нивната независност.

Двајцата соговорници се осврнаа и на прашањето на долгите судски процеси, за што министерот Флоридис информираше дека токму за ова прашање веќе во Грција презеле конкретни чекори и мерки, со цел да се намали бројот на пресуди пред Европскиот суд за човекови права. Тој истакна дека во моментов во Грција се одвива реформа на правосудниот систем во насока да се намали рокот за процесирање на предметите. Целта е да се постигне оптимален временски рок од 500 дена, кој што е среден рок на земјите членки на Европската Унија, од пријава до правосилна пресуда.

Вицепремиерката Грковска и министерот Флоридис разменија искуства и за начинот на избор на судии и јавни обвинители, како и за механизмите кои овозможуваат на овие позиции да се изберат лица со интегритет, кои нема да подлегнат под никакви влијанија. Тие се осврнаа и на значењето на меѓусебната соработка и искуство во делот на правосудниот систем, бидејќи, како што нагласија, тоа не е само национално, туку и регионално прашање. Оттука, беа истакнати взаемни заложби за понатамошно продлабочување на соработката.