СРЕДБА ГРКОВСКА – СИКУТ : ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ВО ФОКУСОТ НА ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ОПШТЕСТВОТО

0
483

Заменик претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска, во рамките на дигиталната конференција „e-Governance“ што се одржува во Талин, Естонија, имаше средба со Сим Сикут, естонски експерт за дигитализација, кој имал клучна улога во процесот на дигитална трансформација на естонското општество.

Вицепремиерката Грковска презентираше што досега Република Северна Македонија постигнала во делот на дигитализацијата, но нагласи дека при спроведувањето на натамошните реформи мора да обезбедиме координиран пристап, како и решенија кои понатаму само ќе се унапредуваат и надградуваат. Таа потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија има цврста определба ефикасно да го спроведе процесот на дигитална трансформација на општеството.

Естонскиот експерт Сикут оцени дека во овој процес е важно да има политичка волја во спроведувањето на оваа реформа, а во центарот на тој процес треба да бидат граѓаните.

Вицепремиерката Грковска и господинот Сикут се согласија дека во центарот на сите промени треба да бидат граѓаните кои се и корисници на услугите и сопственици на податоците. Сите промени во насока на унапредување на ефикасноста на институциите и заштедата на времето, се промени кои граѓаните ќе ги прифатат, независно од тоа дали на почетокот ќе биде унапредување на знаењето или на одредени вештини.

Претходно во текот на денот вицепремиерката Грковска имаше средба со претседателот на Естонија Алар Карис, со кого разговараа за предностите што дигитализацијата на општеството ги обезбедува за сите граѓани. Двајцата соговорници се согласија дека многу е важно државата да има координиран пристап во сите чекори што ги презема во делот на дигитализацијата и оценија дека искуството на Естонија во овој сегмент може многу да помогне.

Вицепремиерката Грковска, во рамки на Проектот за унапредување на дигитализацијата на Република Северна Македонија, а во соработка со естонскиот Центар за меѓународен развој и со поддршка на Соединетите Американски Држави, е во тридневна посета на естонските институции кои се носители на естонското дигитално општество.