СПАСОВСКИ НА ОТВОРАЊЕ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА ,,МЕЛНИЧКИ СРЕДБИ 2023“ ВО СЕЛО МЕЛНИЦА : ДА ГИ ЧУВАМЕ И НЕГУВАМЕ КОРЕНИТЕ ОД МИНАТОТО, ТИЕ СЕ ИЗВОР НА НАШЕТО ПОСТОЕЊЕ

0
618

Денеска (31.07.2023) во село Мелница, Општина Чашка, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на отворањето на манифестација „ Мелнички средби 2023 “, што за првпат се одржуваат годинава во село Мелница, а на покана од организаторите на иницијативата – Здружението на граѓани за граѓански иницијативи МЕЛ-МЕЛ 2023 Мелница – Чашка, заедно со МАК МЕЛ – Швајцарија, со поддршка на Министерството за култура и Општина Чашка. Говорејќи за нераскинливата врска со родниот крај на нашите иселеници, министерот Спасовски ја истакна печалбарската традиција која е во дух на оваа манифестација – Иселеничка средба Мелница 2023.

„Печалбарската традиција која од многу одамна е длабоко вткаена во македонското живеење, во нашиот народен фолклор и обичаите, како составен дел од националниот супстрат и посебноста, како обележје кое јасно говори и сведочи не само за незаборавот и пиететот кон потеклото, туку и за љубовта и трајната поврзаност со него.

Во тој дух и оваа манифестација – Иселеничка средба Мелница 2023 – всушност, има една крајно благородна цел: да ги негува и чува корените од минатото, да ги зближи старите и новите генерации – вторите, за да слушнат, видат и научат, а првите, за да се потсетат на заедничкото извориште на постоењето”, рече министерот Спасовски.

Притоа, Спасовски ја нагласи придобивката од ваквите настани: „Она што мислам дека е најважната придобивка и квалитет на овие настани – а тоа е чествувањето и прославувањето на она што претставува една од најголемите драгоцености во човечкото социо-културно егзистирање – родниот крај!”, рече Спасовски на крајот од своето обраќање пред гостите и мелничани, посакувајќи им успех и просперитет како на професионален, така и на личен план.