СПАСОВСКИ : ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА СМРТНА КАЗНА СЕКОГАШ ЌЕ ИМА ДЕБАТА, НО МОРА ДА СЕ ВОДИ СМЕТКА ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

0
349

Министерот Спасовски во „Само вистина“/Фото: Скриншот/Канал 5
„Луѓето коишто направиле една ваква грозоморна работа предизвикаа една трагедија во општеството. Правната процедура е сосема друга и ќе биде во функција на изведување пред лицето на правдата и носење на најжестоките казни коишто треба да бидат за вакви случаи. Многу шпекулации и дезинформации и теории на заговор, поткажувања и подучувања во овој период апсолутно штетат на истрагата. Треба да бидеме внимателни што се изнесува како податок“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија.

Тој им се заблагодари на медиумските работници кои професионално и објективно информираа за овој случај.
Дополнително, Спасовски во однос на шишањето на приведените посочи дека тоа било направено согласно стандардните процедури во вакви случаи.
„Воведувањето на смртна казна е вечна дебата во светот и зависно од општествените уредувања се воведуваат и ваков вид на казни во тоталитарните режими, во еднопартиски системи каде што доминираат колективните правила. Ние сме воделе како држава во однос на казнените мерки и на најстрогата казна. Секогаш ќе има дебата. Секое прашање коешто се отвора треба да се издебатира до крај. Сепак во овој правец треба да се води сметка за човековите права и слободи во однос на демократските капацитети на едно општество“, потенцираше Спасовски.

Тој заклучи дека низ дебата треба да се покаже висока демократска свест во институциите. Според него, носењето на тешки одлуки треба да се носат рационални одлуки.

Низа шпекулации и дезинформации околу убиството на Вања и Панче
„Целиот овој период имаме многу дезинформации, невистини во јавноста, политизација на настанот. Тоа апсолутно не е добро за никого, ниту пак е добро за правдата. Ваквите тврдења кои се неоснова и неаргументирани извршуваат уште еднаш убиство врз жртвите и навистина влијаат негативно на атмосферата и на семејствата. Меѓутоа, клучно во целиот овој процес е дека постапувањата започнуваат од моментот на пријавувањето. Се постапува врз основа на пријавите и тоа од моментот кога се пријавува“, изјави министерот Спасовски.

Тој додаде дека не сака шпекулациите да бидат на преден план. Една од нив е и дека било извршено убиството од една или друга етничка припадност, дека им било дозволено да избегаат во Косово, дека девојчето се наоѓа во џамија во Косово.
„Тоа беа најгнасните лаги. Тоа беше најдолното нешто што може да се случи. Ова се такви тврдења кои можат да ги направат десни екстремистички групи во овој период што апсолутно не соодветствуваат со реалноста и сакаа на тој начин да се предизвика недоверба и страв и покрај брзината и ефикасноста со којашто работеше полицијата“, потенцираше Спасовски.

Тој додаде дека во однос на случајот со велешанецот, во однос на пријавата, шпекулациите во јавноста, пријавувањето за исчезнување е извршено на 24ти вечерта за исчезнување на лице коешто живеело само, фамилијата го побарала во еден момент и не го нашле и возилото не било тука. Се претпоставувало дека лицето заминало некаде со возило.
„Во тој момент започнуваат сите постапки во однос на истрагата во Велес од страна на секторот на МВР во Велес. Има стандардни процедури по кои се постапува и одат работите од општото кон поединечното во делот на истрагите. Тоа го знаат сите тие коишто тоа го работат како струка. Во однос на случајот во Скопје, после пријавувањето, се активираа сите механизми во однос на пронаоѓање на девојчето. Понатаму ние соопштивме како се утврдува поврзаноста со возилото, можните вршители и врз основа на сите тие мерки коишто биле преземени се доаѓа на крајот до извршителите на ова грозоморно дело“, заклучи Спасовски.

Газење по мртви души
„Сите тврдења во јавноста коишто се за политички поени и од страна на луѓе кои заради политички поени ќе газат по мртви души се најмалку потребни во овој момент. Вадат некаков документ односно телеграма и кажуваат дека врз основа на телеграмата којашто е испратена од 22ри не е пронајдено возилото“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија.Тој додаде дека таа телеграма е испратена на 28.11. 2023 година. И во самата нивна објава стои кога е испратена таа нивна телеграма. Пријавувањето е на 24ти вечерта и тука почнуваат потрагите во Велес, а во Скопје започнуваат во моментот кога е пријавен настанот во Скопје“,Тој заклучи дека не би сакал да навлегува во политиканство, бидејќи теориите на заговор се само заради политиканство.

Снимките од Сејф сити ќе бидат доказ во постапката
„Сензацијата е важна во вакви моменти. Вадење на одредени камери од приватни објекти, предавање на одредени медиуми и тн. е во рамките на таа сензација. Но, тоа не е доказ. Доказите и потврдите ќе бидат седумдесетина камери коишто се извадени и ќе се вештачат и достават до ЈО и над 50тина снимки кои се извадени од СЕЈФ СИТИ. Сето тоа кога ќе се изанализира ќе се знае во детали секоја поединост во однос на овој случај“ изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија.
Тој додаде дека МВР ги дало информациите до јавноста тоа што можело да биде соопштено.
„Немаме можност да споделуваме останати детали“, заклучи Спасовски.