СО ДОГОВОРЕНОТО ПОКАЧУВАЊЕ, НАСТАВНИКОТ ШТО СЕГА ИМА 26.000 ДЕНАРИ ПЛАТА, СЕГА БИ ИМАЛ 29.900 ДЕНАРИ ПЛАТА

0
780

Фото : МЕТА

Во посредство на помирувач, поминаа 19 дена од процесот на помирување и преговори, во кој Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) ги приближија ставовите околу висината на платите на вработените во образование. По последната синоќешна средба, министерот Јетон Шаќири соопшти дека почнувајќи со исплата од септември, платите ќе бидат зголемени за 15 отсто.

„Мислам дека ова е од двете страни профатливо решение. Во овие времиња на отежнато функционирање поради здравствената и економската криза, сепак најдовме заедничко решение. Нема да има кратење на платите за периодот во кој се штрајкуваше. Најдовме целосно разбирање и констатиравме штрајкувачите да ги добијат целосните плати. Ги допрецизиравме и работите кои ќе бидат содржани во новите колективни договори“, рече Шаќири.

Неделков кажа дека во препораката од преговарачот ќе стои дека платите ќе се зголемат за 15 отсто од месец септември.

„Овој процент кој го договаравме со МОН ќе важи и за МТСП. Договоривме и воведување на нова практика во партнерскиот однос, односно ќе учествуваме во креирањето на наредниот буџет за 2023 година, но и понатаму. Ќе бидеме и коректори на инфлациите и на зголемувањето на минималните плати. Сметам дека нашето членство ќе ги прифати препораките и дека ова ќе се преточи во спогодба, која ќе биде потпишана за десетина дена“, рече Неделков.

Штрајкот во образованието започна на 11 април и траеше до 29 април, по што беше ставен во мирување, а преговорите за повисоки плати продолжија со посредство на помирувач. Учениците во основното и во средното образование за време на штрајкот во најголем дел од училиштата не одеа на настава. Надлежните одлучија дека за овој период нема да има одработување по завршувањето на учебната година на 10 јуни.

Ако договореното меѓу СОНК и МОН се официјализира и почне да се применува од септември, тоа ќе значи дека наставникот кој сега зема плата од 26.000 денари, со зголемувањето од 15 отсто ќе зема 29.900 денари