СКОПЈЕ 2014-ТА УШТЕ ЦИЦА ПАРИ: ПО ПОТРОШЕНИ 15 МИЛИОНИ ЕВРА, ЌЕ СЕ РАСПИШУВА НОВ ТЕНДЕР ЗА ДОВРШУВАЊЕ НА БАРОКНАТА ЗГРАДА НА НАРОДНА БАНКА

0
404

Градежните работи кои се одвиваа со бавно темпо целосно прекинаа лани во јули, кога беше раскинат договорот со градежната фирма „Бетон“ поради непочитување на обврските. Сега, од Народна банка велат дека ќе распишат нов тендер за довршување на објектот.

„По раскинувањето на договорот за градба минатата година, Народната банка ги презеде сите неопходни чекори за заштита на имотот на банката, како и за утврдување на можностите за завршување на градбата во блиска иднина. Во моментот се врши неопходно прилагодување на проектната документација, коешто е дел од спроведена постапка за јавна набавка на проектантски услуги. По што ќе следи  постапка за јавна набавка на нов изведувач на градежни работи, којшто треба да ја доврши градбата на објектот. Очекуваме во скоро време изградбата на новиот објект на Народната банка непречено да продолжи“, велат од Народна банка.

Новата зграда на Народна банка почна да се гради во 2016, како дел од проектот „Скопје 2014“. Според договорот склучен тогаш со „Бетон“, изградбата треба да чини 23 милиони евра. Досега, како што објаснуваат од Народна банка, изведени се над 60 отсто од градежните работи предвидени со основниот договор, односно на „Бетон“ му се исплатени 15 милиони евра. Зградата треба да има осум ката, на врвот ќе има купола, барокна фасада, а на влезот антички столбови, какви што имаат сите згради од проектот „Скопје 2014“. Aвтори на идејното решение за изгледот на зградата се Никола Стакинов и Лазар Димов. Тие се автори и на идејните решенија за барокни фасади на Министерството за правда, „Пелагонија“ и зграда на АД ЕСМ.