СЕ ТРАГА ПО ШЕСТМИНА РАБОТНИЦИ КОИ БИЛЕ НА МОСТОТ ВО БАЛТИМОР КОГА СЕ УРНАЛ, НО НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ АВТОМОБИЛИ ПАДНАЛЕ ВО РЕКАТА

0
182

Официјални лица објавија дека се трага по шестмина луѓе по денешното уривање на мост во Балтимор, во кој претходно удри голем товарен брод. Двајца луѓе се извлечени од реката Патапско, од кои еден е во болница.

Се верува дека сите тие биле дел од екипата градежници која поправала дупки на мостот во моментот кога се урнал.

Гувернерот на Мериленд, Вес Мур, изјави дека операторите на 300 метри долгиот брод „Дали“ испратиле повик за помош, но не можеле да избегнат судир со мостот зашто се движеле со преголема брзина. Бродот наводно имал проблеми со погонот.

„Поради повикот за помош била избегната уште поголема трагедија зашто на автомобилите не им беше дозволено да возат по мостот. Тие луѓе се херои, тие спасија животи“, изјави Мур.

Сепак, испитувањата со сонар покажале дека има автомобили во реката, која на некои места е длабока и 15 метри. Мур не можеше да каже дали поради ова бројот на жртвите би можел да биде поголем.

„Истрагата е во рана фаза, но ова се води како несреќа“, додаде Мур.

Кевин Картрајт, портпаролот на противпожарната служба на Балтимор, претходно изјави дека во реката би можело да има 20-ина луѓе.

Бродот „Дали“ пловел под знамето на Сингапур и само што тргнал кон Шри Ланка. Никој од посадата не е повреден.

Властите кажаа дека мостот бил целосно исправен и на него немало никакви структурални проблеми. Отворен во 1977, мостот „Френсис Скот Ки“ беше главна врска меѓу Њујорк и Вашингтон за оние кои сакаа да избегнат влегување во Балтимор. По него на ден минуваа околу 31.000 возила.

„Искривениот метал што излегува од водата изгледа како нешто од акциони филмови“, кажа градоначалникот на Балтимор, Брендон Скот.