СЕДУМ ЛИЦА ОД КОИ ЕДЕН ОД ПРИЛЕП, ЧЕТВОРИЦА ОД СКОПЈЕ И ДВАЈЦА ОД ГОСТИВАР ЗАРАБОТИЈА КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПОРАДИ ПОСРЕДУВАЊЕ ЗА РАБОТНИ МЕСТА

0
672

Седум лица, еден од Прилеп, четворица до Скопје и двајца од Гостивар добија кривични пријави од Министерството за внатрешни работи за повеќе дела. Како што соопштија од оваа институција тие се теретат за „злоупотреба на службена положба и овластување“, ,,примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, ,,давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“.

Станува збор за В.Н.(48) од Прилеп, Б.Л.(37) од Скопје, А.А.(51) од Скопје, А.К.(59) од Скопје, М.И.С.(38) од Скопје, В.Е.(34) од Гостивар, А.Е.(39) од Гостивар, од кои дел вработени во Агенцијата за администрација, а дел конкуренти на нивите огласи за работа.

– Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против В.Н.(48) од Прилеп, Б.Л.(37) од Скопје, А.А.(51) од Скопје, А.К.(59) од Скопје, М.И.С.(38) од Скопје, В.Е.(34) од Гостивар, А.Е.(39) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, ,,примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, ,,давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“ – се наведува во соопштението.

Како што појаснуваат од МВР, во периодот од септември 2022 година до првата половина на март 2023 година, В.Н., Б.Л. и А.А., вработени во Агенција за администрација, на одредени кандидати кои конкурирале за работа во државни институции им овозможиле успешно да го положат испитот за административен службеник.

– Првопријавениот, за време на полагање на испитот, неовластено преку мрежен пристап навлегувал во компјутерите на кандидатите, а притоа пријавените на одредени кандидати им овозможиле користење недозволени средства за време на испитот. Пријавените В.Н. и Б.Л., од септември 2022 до крајот на 2022 година, од пријавениот А.К. побарале и примиле подарок за да овозможат неговиот син успешно да ги положи испитите и да биде вработен – се појаснува во соопштението.

Притоа се посочува дека „пријавениот В.Н. му овозможил на второпријавениот Б.Л. да врши проверка и промена на внесените одговори“.

– Во декември 2022 година, пријавените В.Н. и Б.Л., со цел да примат подарок за себе од пријавените В.Е. и А.Е., влијаеле на пријавената М.И.С., вработена во Агенцијата за администрација и претседател на комисија за селекција за вработување за конкретниот оглас, при што во интервјуто на кандидатката В.Е. и дала максимален број на бодови, без оглед на нејзината стручност. На тој начин кандидатката ги освоила потребните бодови и била избрана за работното место за кое аплицирала – се посочува во соопштението.