СДСМ : Дополнителните средства од акцизата за горива одат директно во Буџетот за поддршка на социјалните мерки и помош за стопанството

0
683

Владата на Република Северна Македонија, согласно претходно направените анализи на Министерството за финансии и Царинската управа донесе уредба за времено и условено зголемување на акцизата на горивата за три денари за време на вонредната состојба и седум месеци по истекот на вонредната состојба.

Оваа уредба е донесена за да се ублажуваат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот КОВИД-19  обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а при нејзиното носење земени се предвид вонредната состојба, забраните и ограничувањата за движење на населението, економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива, како и драстично намалената малопродажна цена на горивата.

Сите средства од повисоката акциза за нафтените деривати, ќе одат директно во буџетот и ќе се искористат за поддршка на стопанството, социјалните мерки за поддршка на граѓаните и за поддршка на нашиот здравствен систем.

Со оглед на тоа дека значителниот пад на цената на нафтата на светските берзи во овој период предизвикува значително намалување и на малопродажните цени на горивата во нашата земја, ова зголемување нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за граѓаните и стопанството.

Од почетокот на годинава, па до почетокот на месец април, малопродажната цена на горивата е намалена за околу 20 денари по литар.

Она што е особено важно е дека се работи за антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата, акцизата ќе се намали или ќе се врати на претходното ниво.

Кризата со коронавирусот остава сериозни економски последици на глобално ниво, а не е поштедена ниту нашата земја и за нивно надминување потребни се сериозни финансиски средства и солидарност од сите.