САМО ОД НАС ЗАВИСИ ДАЛИ ЧЕТВРТАТА МАКЕДОНСКА РЕПУБЛИКА ЌЕ БИДЕ ЕВРОПСКА ИЛИ ЕМИГРАНТСКА, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ВО ПЕЛИНЦЕ

0
504

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски на денешното одбележување на 2 Август – Илинден во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и во манастирот „Св. Прохор Пчински“, потсети дека Гоце Делчев сакал не само слободна земја како територија, туку и слободен народ, зашто не сакал земја без народ. Тој тоа го поврза со денешното заминување првенствено на младите наши сограѓани, барајќи држави со подобри услови за живеење и без корупција.

„Денес на ден Илинден, сеќавајќи се на трите македонски републики – Крушевската од 1903-та, АСНОМ-ската од 1944 и независната од 1991 година, треба да бидеме свесни дека само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска“, предупреди Пендаровски.За Делчев кажа дека не се залагал само за слобода на македонската земја, туку за слобода и на македонскиот народ, бидејќи не сакал земја без народ.

„Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена“, кажа Претседателот.

„Историските извори сведочат дека во свечено украсената манастирска просторија, пред многубројните делегати биле истакнати портретите на Тито, Сталин, Рузвелт, Черчил и на Гоце Делчев. На една од паролите во салата било испишано: ‘Слава на Гоце Делчев, првоборецот на македонската народна ослободителна борба’. Отворајќи го заседанието, стариот илинденец Панко Брашнаров во својот говор спомнал само една личност, а тоа е Гоце Делчев. И Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ зборува за борбата ‘запоена со духот на Делчев’ и завршува со повикот: ‘Дигнете го уште повисоко знамето на Гоце Делчев! Гответе се за последните удари на фашистичкиот окупатор! Гответе се за ослободуение на Македонија!’“, продолжи Пендаровски и натаму да зборува за Делчевото дело и придолнесот за Македонците и сите народи и вери кои што живееле и живеат во Македонија, како што рече во неговиот краток живот од само 31 година.

Делчев беше симболичен сведок на државотворниот АСНОМ, каде што делегатите ја формираа слободната македонска држава со неговата слика пред очите, потсетуваше Пендаровски.Три четвртини од делегатите на АСНОМ биле помлади од 40 години. Речиси половина делегати биле помлади од 30 години. Просечната возраст во свечената манастирска сала била 31 година, точно толку колку што живеел и Делчев, а нашите народни херои, на почетокот на НОБ во 1941-та биле со просечна возраст од само 21 година, редеше Пендаровски историски факти.

„Но уделот на младите луѓе во вкупното население опадна од 28% во 1970 на само 16% во 2021 година. Ние, за жал, веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите нации за 2030 година. Со сегашното темпо на иселување, постои реална опасност многу бргу да ја достигнеме критичната демографска точка по која нема враќање. Ако веднаш не му се застане на патот на овој опасен тренд и истиот не се успори со посветени политики и конкретна, во пракса реализирана стратегија за младите, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов ја антиципираме. Сите ја знаеме причината за овој егзодус. Успешните млади луѓе кои си заминуваат во туѓина, најпрво се чувствуваат отуѓени во сопствената држава“, критикуваше денеска од Пелинце шефот на државата Пендаровски.

Тој ќе положи цвеќе и во манастирот „Св. Прохор Пчински“, пред спомен-плочата посветена на првото државотворно заседание на АСНОМ, а потоа ќе има средба и со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Во состав на државно-црковната делегација која ја предводи претседателот Пендаровски на чествувањето во „Св. Прохор Пчински“ се потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, Викарен Епископ Хераклејски г. Климент и претставници од Сојузот на борците на НОБ.