Рама: „Тиранската платформа“ е мит креиран од македонските политичари

0
1604

„Тиранската платформа“ е мит креиран од македонските политичари со лош вкус, а Европа ќе доживее кошмар ако Балканот полуди поради одложувањето на ЕУ-агендата и стане сива зона во која други „актери“ ќе имаат поголемо влијание од ЕУ, изјави албанскиот премиер Еди Рама во интервју за европското издание на влијателниот американска магазин „Политико“.

Рама порачува дека не е за обединување на Албанија со Косово, но дека и тоа не е исклучено ако ЕУ-интеграциите на регионот останат на сегашното ниво, зашто, како што вели, „никој не сака мали унии и сите сакаат да се обединат во голема унија“, како и дека „ако нема надеж, нема перспектива, нема простор, се разбира, може да се случат и мали унии“.

Рама ја брани платформата на албанските партии во Македонија и вели дека тој само ја потпомогнал средбата на албанските партии од Македонија и не се обидувал да се меша во внатрешните работи на Македонија.

„Нападот на платформата е опасен, бидејќи тоа е политика која разгорува поделби, а не заедништво. Последната работа што ѝ е потребна на Македонија, последна работа што на сите ни е потребна, би била разгорување на меѓуетнички конфликт бидејќи овие работи тешко се контролираат“, вели Рама.

Албанскиот премиер додава дека Албанците во Македонија имаат „целосно право да бараат еднаквост со нивните македонски браќа“, а платформата бара права и слободи кои се запишани во Охридскиот договор.