РАМА : ОДНОСИТЕ МЕЃУ АЛБАНИЈА И КОСОВО ВЕЌЕ НЕ СЕ КАКО ШТО ТРЕБА

0
737

Албанскиот премиер Еди Рама на попладневната прес конференција главно посветена на состојбата на Косово, рече дека „Албанија не е и никогаш не може да биде нотар на политиката што ја следи Косово“, јави МИА.Тој рече дека нема личен проблем со косовскиот премиер Албин Курти, но по последните коментари кога го отфрли нацртот за формирање на Заедницата на српски општини предложена од него, со аргумент „нека му го претстави на Белград за Прешевската Долина”, работите меѓу земјите веќе не се како што треба.

„ За мене е многу јасно што се случи. Албин не сакаше директно соочување на оваа тема бидејќи Албин чита анкети и е задоволен што неговите поени растат. Меѓутоа, Албанија не е нотар и никогаш не може да биде нотар на политиката што ја следи Косово. Уште повеќе кога Албанија ја сметаат за голем брат на Косово, како што велат, не јас, затоа што никогаш не сум рекол такво нешто. Наша должност е да ја кажеме вистината и да стоиме на своето. А вистината е дека работите за Косово во неговите меѓународни односи се многу лоши. Албанија е посебна земја која има свои интереси“, изјави Рама.

Тој кажа дека договорите што беа готови за потпишување можеа да се потпишат, без потреба да се приредува шоу како работите да се нормални.
„Но, работите не се нормални, лоши се и правам се за да го избегнам најлошото. Во име на албанската влада даваме се од себе. Но, ако дојде денот да се разговара за лојалноста на партнерите со Косово, тоа е многу лошо. Сметам дека е страшно што се замрзнаа одредени програми за соработка на ЕУ со Косово. Во овој случај, катастрофа е да се прекинат врските со евроатлантската заедница“, рече Рама и додаде дека е подготвен во секој момент за средба со Курти.

Рама и порача на Србија дека нема да се разговара за ниту едно прашање освен за ослободување на тројцата полицајци, додавајќи дека ваквата состојба е штетна за регионот, за процесот на Отворен Балкан и за самата Србија.„Нема средба, нема друг развој што се однесува до Отворен Балкан, се додека полицајците се во затвор“, изјави Рама, и додаде дека конфликти на Балканот се во корист на Русија.Соопшти дека завчера испратил второ писмо до францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во кое ја подвлекол неопходноста од реализација на француско-германскиот план, со поддршка од САД.