РАЗГОВОР СО ВИКТОРИЈА, ЗА БИТКАТА СО РАКОТ И ИЗГУБЕНИОТ ЖИВОТ : „СЕКОЈА ТРКА И СЕКОЈА КАПКА ПОТ СЕ ПОСВЕТЕНИ НА МОЈАТА МАЈКА“

0
152

За битката со ракот, сите истрчани километри во чест на нејзината мајка, за спортот, животот и образованието, денешниот разговор го посветуваме на една хероина – младата Викторија која секоја трка ја трча во чест на нејзината мајка, чиј живот згаснал пред една година.

Викторија по потекло е од Прилеп, живее и работи во Чешка. Дипломирала во Македонија и по завршувањето на студиите добила можност да работи за Луфтханза, што е и причината Викторија да замине да живее во Брно, Чешка каде моментално работи и ги завршува своите докторски студии.

Во разговор за Скопје Инфо открива дека отсекогаш го сакала спортот и се занимавала со него, таа љубов доаѓа од таткото на Викторија кој е професор по спорт.

„Како мала сакав гимнастика, потоа долго време тренирав одбојка, а последниве две години акцентот ми е ставен на трчање и пливање. Не ми пречат и групни, интерактивни спортови, меѓутоа со трчањето и пливањето, енергијата и мислите ги насочувам кон себе, а во моментов чувствувам дека тоа ми е најпотребно и ми делува смирувачки“, раскажува Викторија.

За време на живеењето и престојот во Чешка учествувала на неколку трки, а прв пат оваа година беше учесник на трката „Халк Еко“ што се одржа пред неколку години во Скопје. Учеството на оваа трка и сите претходни, Викторија ги посветува на нејзината мајка која починала пред една година, по неколкугодишна битка со ракот.

„Секој километар, кој ми е истрчан до сега, независно од тоа дали е на официјална трка или обично, секојдневно трчање, ми е посветен токму на неа, на мајка ми, мојата инспирација, мотивација, херој, на мојата Малина“, вели Викторија.

Во разговорот со нас, таа раскажува дека на мајка ѝ бил дијагностициран рак на двете дојки во 2016 година, три месеци по нејзиното заминување во Чешка.

„Знаејќи дека ќе ме разочара, не ми кажа ниту за дијагнозата, ниту за прегледите, ниту за операцијата“, низ солзи раскажува Викторија и додава „знам колку ѝ било тешко и колку се плашела, но и во тие моменти одбра да ме заштити и да не ми каже ништо“.

„Најмногу сила и требаше неа, а таа мене ме тешеше дека ќе биде сè во ред.Уште се сеќавам кога дознав, мајка ми беше таа која ме тешеше мене, дека ќе биде сѐ во ред, дека тоа е само еден тежок период, кој мора да го пребродиме, бидејќи ете, животот е таков непредвидлив и носи и падови и подеми. Мајка ми ме тешеше мене и ми даваше сила, а најмногу сила ѝ беше потребна неа“, додава таа.

Поминале цели четири години, а нејзината мајка била навистина дисциплинирана во однос на лекувањето, терапијата и исхраната. „Редовно земаше и алтернативни лекови, пиеше чаеви, сокови и не отстапуваше од ништо, без разлика дали е дома или на патување. 4 години поминаа, 4 години љубовта само се зголеми, заедно поминатите моменти станаа безбројни“, вели Викторија.

Но, по четири години болеста се појавила повторно, овој пат метастазите се префрлиле на црниот дроб, но тука не застанала борбата на нејзината мајка. Таа продолжила со терапии, строга исхрана, со надеж и верба во Бога дека ќе се излечи. Викторија ја имала истата надеж и вербата во Бог.

Пред неполна година, по седум години борба со лошата болест, Викторија ја доживува најголемата болка, кога ја губи својата мајка или како што вели таа „ мојата светлина,  мојата среќа, моето небо, мојот воздух, мојата утеха, мојот ангел на земјата, моето сѐ“.

Низ разговор раскажува дека најголемата желба на нејзината мајка била да остане жива, поради Викторија и нејзиниот брат, да ги поштеди од страдања, бидејќи нејзината вредност во очите на своите деца била навистина голема.

„Мајка ми, која во моментите кога чувствуваше дека го губи сопствениот живот, не мислеше на себе, но на нас. Што со нас после неа? Како ќе продолжи нејзината Викторија после неа? Истото прашање си го поставувам и јас уште, но залудно, зашто знам дека одговор нема да најдам. Не сега, не овде“, вели Викторија.

На крајот, Викторија раскажува дека трчањето на долги стази за неа, го симболизира патот кој го поминала нејзината мајка и патот кој го поминуваат сите, кои боледувале или боледуваат од рак.

„Секој километар, секоја капка пот, ќе ѝ биде посветен на мајка ми. Додека дишам. Сѐ за неа. За жената која бескрајно го сакаше своето семејство, за жената која живееше за нејзините деца, за жената во која за жал немаше ни трошка себичност. За жената, која имаше неизмерна љубов за сите, посебно за нејзините деца. За најдобрата од најдобрите. За мојата Малина“, вака го завршуваме разговорот со Викторија.

Извор : СкопјеИнфо