ПРОБЕН БАЛОН НА ГЕРО, ДАЛИ Е ОВА ПО НАЛОГ НА МИЦКОВСКИ: ПРЕДЛАГА ФОРМУЛА КАКО БУГАРИТЕ ДА ВЛЕЗАТ ВО УСТАВОТ?!

0
680

ТЕКСТ ОБЈАВЕН НА ПЛУСИНФО, ГО ОБЈАВУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Членови на работната група за подготовка на уставите измени би можеле да предложат во Уставот да се внесат Бугарите, Хрватите и Црногорците, но истовремено Преамбулата да се дополни и со нов наратив за историската генеза на македонската нација и на македонскиот јазик, дознава Плусинфо од добро упатени експертски извори.

Целта е во новиот наратив да се потенцираат самобитноста, правото на самоопределување и државотворноста на македонскиот народ, како и историскиот континуитет на македонскиот јазик и обидите за создавање на стандарден литературен јазик од средината на 19 век до официјалната кодификација еден век подоцна.

– Како што повеќе пати нагласуваат софиските политичари и разни државници и дипломати од земјите членки на Европската Унија и од бриселската администрација, од Македонија се очекува да ги внесе Бугарите во Преамбулата на Уставот и со тоа да ги деблокира преговорите за членство во ЕУ. Некои експерти не гледаат пречка да се исполни тоа барање, ако истовремено се зајакне и историскиот наратив за македонскиот народ и за македонскиот јазик во Уставот. Факт е дека во ниту еден документ и во ниту една изјава не се вели дека Преамбулата и нормативниот дел од Уставот не смеат да се менуваат или да се дополнат со други одредби. Доказ за ова е и иницијативата на албански партии за укинување на формулата „20 отсто“ и за запишување на албанскиот како втор службен јазик во земјата.

Затоа, членови на работната група за подготовка на уставните измени би можеле да предложат нов текст во Преамбулата, со кој ќе се зацврсти наративот за самобитноста на македонската нација и за историскиот континуитет на македонскиот јазик до неговите темели во старословенскиот јазик – вели изворот на Плусинфо.
Засега, како што дознаваме, оваа идеја не е преточена во конкретен текст. Но, нашиот извор вели дека доколку преовладее таа концепција, новиот наратив ќе биде детално образложен уште во првата фаза на уставните промени, во предлогот за пристапување кон измени на Уставот.

– На тој начин, предлагачите ќе можат да кажат: да, ние го прифативме барањето Бугарите да бидат внесени во уставната Преамбула, но затоа истовремено ги отфрламе сите негирања на македонската нација и на македонскиот јазик и тоа конкретно го докажуваме со нови формулации во Уставот. Ако се настапи со еден таков предлог уште во првата фаза на уставните промени, како што планираат некои експерти, опозицијата нема да има разумни причини да го бојкотира процесот.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ и во таков случај инсистира на бојкот, таа партија ќе биде обвинета не само за неконструктивност, туку и за неприфаќање на уставните одредби со кои би се зајакнал македонскиот идентитет – објаснува нашиот извор.Планот има и една голема слабост, а тоа е опасноста во самиот старт да биде отфрлен од Софија, која инсистира на тезата дека Македонците, македонскиот јазик и македонската држава постојат од 1944 година.

Ако Бугарија се спротивстави на ваквите уставни измени, повторно би уследило вето и блокада на процесот.