ПРИТВОР ЗА ШУМСКИОТ ПОЛИЦАЕЦ КОЈ ЗЕМАЛ 18.000 ДЕНАРИ МИТО!

0
499

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 58-годишник, вработен во Шумската полиција, директно за себе побарал 18.000 денари за да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши, односно за да не му прави контрола на сведокот – референт за сеча и дотур во правно лице.

Откако му ги побарал парите, сведокот го пријавил. Врз основа на Наредба од јавен обвинител за примена на посебни истражни мерки, на сведокот му биле дадени обележани банкноти за да ја изврши исплатата.

Веднаш по приемот на поткупот, парите биле пронајдени кај осомничениот и тој бил лишен од слобода.

Јавниот обвинител оцени дека постојат законските основи и до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Судот го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена