ПРИМАТЕЛ НА СОЦИЈАЛНА ПОМОШНЕ ЌЕ МОЖЕ ДА ОДБИЕ РАБОТА ШТО ДРЖАВАТА ЌЕМУ ЈА НАЈДЕ, НАЈАВИ ТРЕНЧЕВСКА

0
594

Министерството за труд и социјална политика најавува заострување на политиките за социјална помош, со цел примателите на социјална помош да се вклучат на пазарот на трудот. Министерката Јованка Тренчевска изјави дека во оваа насока се и законските измени, со цел примател на социјална помош да не може да одбие работа.

-Во таа насока се измените на Законот за социјална заштита, да не може да одбие работа ако е примател на гарантирана минимална помош. Мора да се заострат критериумите кои беа олеснети поради ковид кризата и го олабавиме системот на социјална заштита. Но време е да ги заостриме критериумите, оние кои се веќе 3 години, кои се осеќаат комотно, работат и на црниот пазар, во сивата економија, да ги вратиме назад на пазарот со некакви олеснувања во делот на социјална заштита да не ги изгубат сите права. Целта е таа голема сума која ја одвојува државата за социјална помош да биде намалена – рече министерката.

Според Тренчевска во државава има 36.000 домаќинства приматели на гарантирана социјална помош. Таа најави дека доколку и покрај оваа мерка, повторно се утврди дека недостасува работна сила, тогаш ќе се размислува за увоз на работна сила од земји од третиот свет.