ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ ДЕНЕС НАПОЛНИ 44 ГОДИНИ

0
2294

Зоран Заев (8 октомври 1974 во Струмица) — претседател на Владата на Македонија и лидер на СДСМ. Заев по професија е бизнисмен и политичар, а во периодот 2005–2016 бил градоначалник на општина Струмица. Пред да влезе во политиката тој се занимавал со приватен бизнис во родниот крај. Во периодот 2003–2005 бил пратеник во Собранието на Македонија, а потоа се кандидирал за градоначалник на Струмица, функција која ја извршувал во три мандати. По оставката на Бранко Црвенковски од челното место на СДСМ во 2013, Заев бил именуван за нов партиски предводник.

Заев претрпел неуспех на парламентарните избори во 2014 по што обвинил за изборна местенка и решил неговата партија да дејствува како вонпарламентарна опозиција. Во 2015 објавувал нелегално стекнати телефонски разговори на високи владини функционери кои содржеле индиции за организиран криминал. Истата година го потпишал Пржинскиот договор кој предвидувал техничка влада за организирање на предвремени парламентарни избори во 2016. По предвремените избори во 2016, партијата на Заев формирала парламентарно мнозинство со пратениците на ДУИ и Алијанса за Албанците, а нивната коалициска влада била изгласана во мај 2017.

Приватен живот и кариера

Зоран Заев е роден на 8 октомври 1974 година во Струмица. Родителите на Заев имаат потекло од струмичкото село Муртино. Заев основно и средно образование завршил во родниот крај. Дипломирал на економскиот факултет во Скопје во 1997 година, а потоа се запишал на магистерски студии на истиот факултет, на студиската програма по монетарна економија. Оженет е со Зорица Заева со која има две деца.[1]

Професионалната кариера ја започнал во фирмата „Тргопродукт“ – Струмица каде работел во периодот 1997–2003, а во 2001 бил именуван за директор на истото претпријатие. Бил член на управниот одбор на штедилницата „Пеон“ во периодот 1998–2003, како и член во управниот одбор на индустријата за градежни материјали „Еленица“ од 2001 до 2003 година. Во периодот 2000–2003 ја вршел функцијата претседател на управниот одбор на јавното претпријатие „Комуналец” – Струмица.[2]

Политичка активност

Лидер на опозиција

Заев станал член на СДСМ во 1996 година. Во два мандати бил член на претседателството на општинскиот одбор на СДСМ во Струмица. Во ноември 2002 станал член на централниот одбор на СДСМ, а бил пратеник во Собранието на Македонија во периодот 2003–2005. Заев победил на локалните избори во 2005 и на 22 март станал градоначалник на Струмица. На 17 јули 2008 година, поради сомнеж за злоупотреба на службената положба при изградба на трговскиот центар Глобал, бил уапсен заедно со уште петмина негови соработници.[3] Случајот бил затворен по аболицијата од претседателот Бранко Црвенковски, со која Заев и неговите соработници биле пуштени на слобода.[4] Заев бил назначен за вршител на должноста претседател на СДСМ во септември 2008 по одржаниот партиски конгрес.[5] На локалните избори во 2009, тој по втор пат бил избран за градоначалник на општина Струмица.[6] По завршувањето на претседателскиот мандат на Црвенковски во 2009 година, Црвенковски се вратил на чело на СДСМ, а Заев станал потпретседател на партијата.[7] Во јуни 2013, Заев бил избран за претседател на СДСМ по оставката на Црвенковски поради лошиот изборен резултат на локалните избори во 2013.

Во првата половина од 2015 година Заев објавувал телефонски разговори за кои тврдел дека биле снимени од страна на УБК по нарачка на Никола Груевски и Сашо Мијалков како дел од прислушување на 20 илјади македонски граѓани.[8] Истите биле основа за кривична истрага за злоупотреба на службената должност против водството на ВМРО-ДПМНЕ. Поради објавување на снимките, Заев во април бил обвинет за насилство кон претставници на највисоките државни органи во случајот „Пуч“, а поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и негови луѓе од МВР биле обвинети за обид за државен удар.[9] Во текот на објавувањето на снимките, обвинителството отворило случај против Заев под името „Поткуп“, во кој Заев бил осомничен за примање поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов од околу 164 илјади евра за добивање дозвола за изградба на црква.[10]

Заев, како претставник на СДСМ, бил учесник во преговорите за надминување на политичката криза помеѓу лидерите на најголемите македонски партии со странски посредници.[11] Партиските лидери го потпишале Пржинскиот договор, во кој се предвидувало техничка влада за организирање предвремени парламентарни избори во 2016 и формирање на Специјално јавно обвинителство (СЈО) со цел да ги истражи наодите за криминал од објавените снимки.[12] Во април 2016 претседателот Ѓорге Иванов донел одлука за помилување на 56 лица опфатени во истрагите на СЈО, помеѓу кои Груевски и Заев, но подоцна одлуката за аболиција била повлечена поради притисок од домашната и меѓународната јавност.[13] По изборите во декември 2016, Заев формирал парламентарно мнозинство помеѓу партиите на СДСМ, ДУИБеса и Алијанса за Албанците. На 17 мај 2017 тој станал мандатар откако Иванов му доделил мандат за формирање влада.[14]

Премиер

Вечерта на 31 мај Собранието на Македонија со 62 гласа „за“ ја избрало владата на Заев која ја сочинувале 25 министри.[15] Прв чекор на неговата влада во надворешната политика бил потпишување на договор за добрососедство со Бугарија во август 2017.[16] Во септември биле донесени законот за минимална плата од 12 илјади денари, законот за укинување на радиодифузната такса, а била вратена и евтината тарифа на струјата.[17][18]