Премиерот Заев во Прилеп: Владата е посветена на инвестирање во инфраструктурни проекти во сите општини, градежната офанзива не запира, новиот булевар е најмодерна градска сообраќајница

0
725

Претседателот на Владата Зоран Заев, придружуван од градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски присуствуваше на одбележувањето на пуштање во употреба на главната сообраќајна артерија во Прилеп, булеварот „Гоце Делчев“, која е реконструирана во најмодерна градска сообраќајница и покрај здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19.

„Прилеп треба да се гордее со овој булевар, современ булевар со пешачки и велосипедски патеки кој граѓаните го очекуваа долги години. Булеварот е со две коловозни ленти во едниот правец и две во другиот правец, меѓусебно одделени со зелен појас, во кој е поставено осветлувањето. Должината на реконструираниот булевар изнесува 560 метри и со комплетната реконструкција на улицата „Прилепски бранители“ со три коловозни ленти, Прилеп добива модерна сообраќајна инфраструктура“, подвлече Заев изразувајќи задоволство што градежната офанзива во Прилеп не запре и покрај пандемијата од коронавирусот.

Премиерот Заев, ја искористи приликата и на прилепчани им го честиташе празникот „Свети Никола“, патронот-заштитник на градот Прилеп, посакувајќи им здравје и успеси на сите граѓани на Општината.

„Знам дека заради пандемијата од  КОВИД-19 и во име на почитување на мерките за заштита од вирусот, годинешното прославување и одбележување на големиот празник „Свети Никола“ е поразлично во однос на претходните години и ќе изостане традиционалниот светиниколски ручек во центарот на Прилеп. Но, бидете уверени дека оваа отстапка од традицијата, оваа година е ваш голем придонес за здравјето на прилепчани и за спречување на дополнителното ширење на вирусот“, рече претседателот на Владата Заев, посакувајќи им здравје на граѓаните.

Тој подвлече дека и покрај нетрадиционалното чествување на празникот, граѓаните можат да бидат горди, поради работните успеси кои не запреа и за време на корона-кризата и кои се во интерес и обезбедуваат услови за подобар живот  на сите.

„И во оваа прилика, како и на секој јавен настап повторувам: Вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на мерките. Убеден сум дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни и помудри и ќе разбереме колку се важни граѓанската солидарност, поддршката на институциите и меѓусебното помагање“, порача Премиерот нагласувајќи дека Владата останува посветена на унапредување на работата на локалната самоуправа, во инвестирање во проекти од инфраструктурата во општините низ целата држава.