ПРЕКУ УСЛУГАТА ПОМОШ И НЕГА ВО ДОМОТ ПОКВАЛИТЕТЕН КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТ ЗА НАД 50 СТАРИ ЛИЦА ВО СТРУГА

0
259

Услугата помош и нега во домот ги дава посакуваните резултати и им го олеснува и подобрува квалитетот на животот на старите лица. Денеска во посета на Црвениот Крст Струга, кој ја спроведува услугата, помош и нега во домот, беше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која истакна: „ Оваа услуга е дел од  разновидните услуги како што се центри за дневен престој на стари лица, центри за дневен престој на лица и деца со попреченост, центар за рехабилитација и реинтеграција кои се достапни во 41 општини, а се воспоставени преку Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведуваме со поддршка на Светска банка. Горда сум што успеавме да постигнеме значајни резултати, но и да обезбедиме одржливост на услугите и дел од нив, како што е помош и нега во Струга се преземени во системот на централно финансирање со што е обезбеден континуитет и постојаност на социјалните услуги. 

Услугата е воспоставена преку Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка, а се спроведува од Црвениот Крст Струга кој заедно со општината аплицираше на првиот јавен повик на Проектот. Услугата е достапна на повеќе од 50 стари лица над 65 години за кои во комфорот на нивниот дом се грижат 20 негуватели.

Притоа, Министерството за труд и социјална политика обезбеди долгорочна одржливост на социјалните услуги, во кои спаѓа и услугата помош и нега во домот во Струга обезбедувајќи средства за нивно финансирање од државниот буџет. Со ова се создава можност за нивен натамошен развој, а граѓаните, особено оние од најранливите категории ќе продолжат да добиваат квалитетни услуги и подобар квалитет на живот.

Задоволство од начинот на кој се одвива услугата, како и од соработката со Министерството искажуваат и од Црвен Крст Струга. Тие при посетата на министерката Тренчевска истакнаа: „Навистина сме благодарни што Министерството ги препозна потребите на граѓаните на општина Струга и што од самиот почеток го поддржа овој проект за кој соработувавме и со општината и со Министерството. Денеска сме горди и мотивирани од успехот и насмевките на корисниците и негувателите со кои секојдневно го потврдуваат задоволството.“

Министерката Тренчевска оствари и посета на домот на корисник на услугата помош и нега кој заедно со својата негувателка ја информираа за придобивките, активностите, како и значењето за нив од оваа услуга. Министерката истакна дека токму задоволството на корисниците и негувателите е клучна мотивација, но и показател дека реализацијата на социјалната реформа се одвива успешно.

Прeку проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, досега е овозможено воведувањето на разновидни социјални услуги, преку 34 поединечни проекти што се спроведуваат во 41 општина. За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а истите се достапни за повеќе од 1200 корисници.