ПОРАНЕШНАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА АРАЧИНОВО ЌЕ ДИРЕКТОРУВА СО „АЕРОДРОМИ“, ЗАВРШИЛА СРЕДНО МЕДИЦИНСКО!

0
466

Поранешната градоначалничка на Арачиново, Миликије Халими, самата преку социјалната мрежа фејсбук се пофали дека станала директорка на АД Аеродроми, заблагодарувајќи и се на нејзината партија СДСМ што ја кандидирала.

„Ја споделувам со вас веста за именувањето на генерален директор на државното акционерско друштво „Аеродроми“ на РM.

И благодарам на партијата СДСМ за укажаната доверба да раководам со оваа институција. Ќе работиме и ќе се фокусираме на интегрирање и склопување на системите на оваа институција со фокус на зголемување на квалитетот на услугите за сите корисници, како и зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето на институцијата генерално!“, напиша Халими на фејсбук.

Халими доаѓа на местото на досегашниот прв човек Трајче Ангеловски со одлука на Надзорниот одбор на 25 октомври, на друштвото кое управува со имотот на двата македонски аеродроми во делот кој не е под концесија на ТАВ Македонија.

Пред една година Халими се вработи во Царинската управа како инспектор за истраги за борба против економски криминал. Тогаш медиумите реагираа дека таа го нема потребниот степен на образование за да конкурира за такво работно место.

Имено, таа имала завршено средно медицинско училиште.

До Надзорниот одбор на „АД Аеродроми“ пристигнала препорака без образложување дека Ангеловски треба да се разреши и да се назначи Халими.