ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ МАРЈАН – ДОКАЗ, ФОРМИРАН НОВ ПРЕДМЕТ, ПОКРАЈ КРИВИЧНО ДЕЛО ЗА УЦЕНА СЕ ТОВАРИ И ЗА ПИРАТЕРИЈА НА АУДИОВИЗУЕЛЕН МАТЕРИЈАЛ

0
286

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка, денеска поднесе Обвинителен предлог против сопственикот на порталот Доказ, Марјан Стаменковски, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – Уцена, едно кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци.

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост.

Така, во периодот од 10.01.2023 година до 02.02.2023, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот го контактирал оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Откако оштетениот одбил средба, на интернет порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело – Уцена.