ВМРО-ДПМНЕ БАРА СЛОБОДА ЗА НАСИЛНИЦИТЕ КАКО ПРАВДА ЗА КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК, ВАСИЛЕВСКА: МУ СЕ ГЛЕДА КРАЈОТ НА ХИБРИДНИОТ РЕЖИМ НА ЗАЕВ

0
965

Во емисијата “Заспиј ако можеш” гостуваше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска. Таа рече дека огромна била поддршката од народот на неделниот протест на неправедно затворените “уставобранители” и дека на таков начин испратиле моќна порака до власта дека селективната правда е неправда која што се вршела врз тие наводно невини луѓе а политички осудени поради некаков каприц на Заев и СДСМ. Таа тврдеше дека протестите биле семакедонски во организација од ОМД а додека неколку партии јавно се приклучиле и го поддржале како натпартиски и патриотски настан.

Таа се обиде да ги релативизира нештата кои што му претходеа на крвавиот четврток од 27-ми април. Смета дека сценариото почнало да се изработува уште за време на изборите во декември 2016 год. кога наводно Заев со изборни измами и манипулации победил со само два пратеника предност пред ВМРО-ДПМНЕ. Потоа во јануари 2017 год. веќе била објавена т.н. Тиранска платформа за да се федерализира државата и да се наметне двојазичност на цела територија. Иванка Василевска упорно тврдеше дека со Рамковниот договор било само предвидено да се користи и албанскиот јазик само во оние општини каде што Албанците се над 20% но дека Заев однапред некому ветил дека истото правило ќе се применува и на државно ниво. Паралелно со ова, таа ја убедуваше јавноста дека Рускоска како главна обвинителка почнала да ги гони функционерите на ВМРО-ДПМНЕ од тогашното раководство за подоцна да може се изврши притисок врз нивни пратеници за да гласаат за промена на уставното име на Македонија. За ова таа употреби замена на тези дека по принцип на акција на СДСМ и шарените, морало да има и реакција, па оттаму тој насобран револт кај народот кој што бил спремен и да влезе во Собрание на 27-ми април со цел да спречи нелегитимен избор на нов спикер. Според неа, шарените биле деструктивци, уништувачи и пиромани, а додека овој народ кој што сакал да спречи создавање на ново парламентарно мнозинство, бил питом, кроток, родољубив и цивилизиран.

Дополнително таа упати отровни стрели и кон Талат Џафери и ДУИ како партнери во власта на СДСМ. За Џафери рече дека го смета за дезертер од АРМ поради тоа што ја фрлил униформата и се одметнал кај терористите од УЧК и како таков е недостоен да биде претседател на Собранието. Иванка Василевска намерно пропушти да спомне дека истиот тој Џафери беше гласан претходно од ВМРО-ДПМНЕ за да биде министер за одбрана како и дека вмровски пратеници гласаа за скандалозната амнестија на т.н. хашки случаи за време на екс режимот. Потоа таа колективно го обвини ДУИ дека биле 20 год. како дел од власта но немале што да им понудат на граѓаните. Токму во најголем дел од тој период, баш ВМРО-ДПМНЕ коалицираше со ДУИ а Македонија ја интересираше само до Групчин. Толку беше од нивниот квазипатриотизам и тогаш и денес.

Потоа наведе дека често таа одела пеш по неколку рути, но во време на шарените протести, некој насилен шарен револуционер и сдсмовец со кола се обидел да ја прегази Василевска и нејзината мала ќерка во близина на Сити мол. Исто така кога поминувала во близина на шарените протести пред Влада, често пати разни групи ја навредувале и понижувале, како и од некакви ботови од СДСМ на социјалните мрежи.