ПЕСТИЦИДОТ ПРОНАЈДЕН ВО ПИТАТА ШТО ЗАТРУ ЦЕЛО СЕМЕЈСТВО Е ЗАБРАНЕТ ЗА ПРОДАЖБА

0
415
Пестицидот кој бил пронајден во питата, од која се затру цело семејство бил забранет за продажба, вели претседателот на Здружението на медицински лаборанти, Ивица Апостолов. Од отровната пита почина една жена, а нејзиниот сопруг и неговата мајка се во тешка состојба.

„Оваа супстанција (метомил) ја има во добро познатиот отров „ланате“, кој патем речено е ЗАБРАНЕТ за продажба во земјоделските аптеки уште од 2015 година, а пред некоја година за првпат со токсиколошка анализа по барање на МВР и ЈО поради масовно труење на домашно милениче и официјално се утврди од што умираат дел од домашните миленици и улични животни во земјава…мислам дека стануваше збор за домашен миленик, куче вучјак.

После тоа се поставија многу прашања до Институциите (МВР, Агенција за храна, Ветеринарен институт и др.) за да проверат, како и од каде се наоѓа овој инсектицид кај нас кога е забранет, затоа што уште тогаш имав напишано дека во опасност се доведуваат и човечкиот живот со оглед на тоа што станува збор за еден од најаките отрови, а кој од една страна е забранет за продажба во земјоделските аптеки, а од друга страна некои психопати го расфрлаа по детски игралишта и низ парковите во Скопје.

Паметам дека во разговор со мои пријатели клинички токсиколози, во 2017 и 2018 година, тие стручно ми објаснија дека Метомилот е доста отровен, а мои колеги од Институтот за судска медицина ми имаа кажано дека овој отров го наоѓале и при обдукции кај луѓе кои свесно посегнале по својот живот-самоубиства, но и при случајни труења кај луѓе при обдукциите што ги правеле на Институтот“ пишува Апостолов.

Она што е симптоматично, вели тој, е начинот на кој метомилот влијае врз човечкиот и животинскиот организам, а кога ќе се испие или ќе се внесе во организмот на кој било начин, тој карбаматен инсектицид делува како нервен отров и го оневозможува пренесувањето на нервните импулси, а тоа се изразува во вид на грчеви во мускулатурата, огромно лачење на плунка, оток во белите дробови, секреција во бронхиите која се манифестира како пена во устата и на крај доаѓа до депресија на центарот за дишење, кома и на смрт.Тој апелира до институциите да проверат каде се наоѓа во продажба овој отров на црниот пазар.