ПЕНЗИОНЕРИТЕ КОИ ПОБРАА ЛИНЕАРНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ НА 7 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ НАЈАВИЈА ГОЛЕМ ПРОТЕСТ

0
538

Пензионерите кои изминатиов период на улица го искажуваат својот револт од ниските примања и бараат линеарно зголемување на пензиите во висина од 5 000 денари, на 7 ноември ќе излезат на голем протест во Скопје.

Ваквата најава дојде за време на денешниот протест на пензионерите во Штип, кој се одржа на Градскиот плоштад „Слобода“.

Присутните на протестот излегоа со празни тегли в раце, сакајќи на овој начин симболично да покажат дека толку можеле да направат со покачувањето на пензиите од 5,3 отсто кое го добија во септември, бидејќи парите им одат за комуналии и лекови, а за традиционалниот ајвар и зимница не им останува. Претседателката на Иницијативниот одбор за протест на пензионерите во Штип, Соња Арсовска, рече дека за нив оваа зима теглите ќе останат празни, додека во владиното бифе појадок, ручек и вечера се добива за 250 денари.

„Ова ли е едно општество за сите кога во рацете држиме празни тегли? А зошто? Затоа што со покачувањето од 5,3 отсто на пензиите не можевме да направиме зимница. Госпоѓо (Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика), по допрен глас слушаме дека ќе имаме зимска помош. Можеби, се однесува на некое новогодишно пакетче кое ќе содржи шал, ракавици и капичка. Ние сме децидни, бараме линеарно од 5 000 денари и минимална пензија од 18 000 денари“, рече Арсовска.

На денешниот протест во Штип тие побараа оставка и од претседателката на Здружението на пензионери, а посочија дека со барањата нема да запрат, туку протестите ќе ги радикализираат со блокирање улици и патишта.

Инаку, како што најавија, пензионерите од целата држава на 7. ќе одржат генерален протест во Скопје, кој ќе се одвива на пет локации, пред амбасади на странски земји.

Фото: 360Степени