ПЕНДАРОВСКИ ЗАЕДНО СО ОСТАНАТИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ШЕФ НА ДРЖАВАТА ГО ПОТПИША КОДЕКСОТ ЗА ФЕР И ДЕМОКРАТСКИ ИЗБОРИ : УВЕРЕН СУМ ДЕКА ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС ЌЕ БИДЕ ДЕМОКРАТСКИ, ЌЕ ВОДАМ КУЛТУРНА И КОРЕКТНА КАМПАЊА

0
129

Кандидатот за претседател на државата Стево Пендаровски денеска во просториите на Државната изборна комисија го потпиша Кодексот за фер и демократски избори за Претседателските избори 2024 година.

„Уверен сум дека имаме доволно политичка култура, пред сé ние како кандидати, да го одржиме нивото на дебатата и се разбира и мислам дека во целина ќе докажеме како држава уште еднаш дека сме подготвени овој процес да го извлечеме на највисоко можно ниво, односно на просечно европско или светско ниво, бидејќи ова е иницијален чин во државата. Ако не сме подготвени како држава тоа да го направиме на највисоко можно ниво со почитување на сите меѓународни стандарди за изборниот процес, за понатамошните фази во практикување на политиката, не треба ни да разговараме“ порача Пендаровски во кусото обраќање при потпишувањето на Кодексот.

Пендаровски изрази уверување дека целиот процес ќе биде демократски, а дека тој лично како и претходно, во кампањата ќе се води исклучиво од начелата на Кодексот.

„Уверен сум дека процесот ќе биде демократски. Како што покажав и минатиот пат, од почеток до крај ќе бидам во рамките на она што се нарекува коректна, културна, децентна политичка дебата“, додаде Пендаровски.