ПЕНДАРОВСКИ : ВЛЕГУВАМ ВО ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ ПОРАДИ ТОА ШТО ЗАД СЕБЕ ИМАМ МАНДАТ БЕЗ НИТУ ЕДНА СТРАТЕШКА ГРЕШКА

0
321

Актуелниот претседател Стево Пендаровски денеска најави дека ќе се кандидира за втор претседателски мандат на претстојните претседателски избори.

Пендаровски најави граѓанска кандидатура и од 3. март ќе собира 10.000 потписи од граѓаните. Кажа дека СДСМ во недела исто така ќе објави дека ќе ја поддржи неговата кандидатура, а поддршка очекува и од останатите коалициони партии на СДСМ.

„Првата и главна причина поради која влегувам во трката за претседател е поради тоа што зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка, без ниту една корупциска афера и ниту еден случај на непотизам или судир на интереси поврзан со мене, моето семејство и моите најблиски соработници. Јас на овие избори излегувам како претседателски кандидат не само за да учествувам, туку за да победам“, кажа Пендаровски.

  • Друга причинa се моите политики во сферата на меѓуетничките односи, кои се, биле и ќе бидат столб на внатрешната стабилност и кохезија на македонското општество. Јас сум Македонец, меѓутоa, не постои ниту еден единствен случај во изминативе пет години кога моето етничко потекло било причина некого да фаворизирам,  или да деградирам. Структурата на моите соработници во Кабинетот, но и сите именувања кои ги направив во рамките на моите уставни и законски надлежности се потврда за ова што го зборувам. Третата причина е поврзана со втората. Во изминативе пет години покажав дека претседателот може да биде независен од било кои центри на политичка, или економска моќ во државата, вклучително и во однос на оние кои го поддржале на избори. Во нашава држава не постои човек или партија, кој може да каже дека ме контролира, или ги диригира моите одлуки, рече Пендаровски.