ПАРТИЈАТА НА МИЦОТАКИС ПОБЕДУВА НА ИЗБОРИТЕ ВО ГРЦИЈА, НО НЕМА МНОЗИНСТВО

0
399

Грчкиот премиер и лидер на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, на предизборен митинг во Волос, централна Грција, 11 мај 2023 година.
Грчката владејачка партија Нова демократија убедливо води на парламентарните избори кои се одржаа на 21 мај, но не го достигна цензусот потребен за самостојно да формираат влада, јавува Ројтерс.

Според преброени нешто повеќе од 82 отсто го гласовите, конзервативната Нова демократија освоила 40,8 отсто од гласовите, победувајќи ја радикалната левичарска партија Сириза, која владееше од 2015 до 2019 година, со 20,1 отсто од гласовите.

Грчкото Министерство за внатрешни работи предвидува дека Нова демократија би можела да освои 145 места во парламентот, шест помалку од апсолутното мнозинство.

Во понеделник, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу ќе им даде на трите најголеми партии – Нова демократија, Сириза и социјалистичката ПАСОК – по три дена за да формираат коалициска влада.

Ако сите не успеат, Сакеларопулу ќе назначи преодна влада која ќе подготви нови избори околу еден месец подоцна.

Премиерот и лидер на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис рече дека верува оти добдил даден јасен мандат.

„Резултатите од гласањето се одлучувачки. Тие покажуваат дека Нова демократија има одобрение од народот да владее, силна и автономна“, им рече тој на поддржувачите пред седиштето на партијата во центарот на Атина.

Мицотакис рече дека неговата конзервативна партија предизвика „политички земјотрес“.

Резултатот е неверојатен поттик за Мицотакис, чија администрација мораше да се соочи со скандалот со прислушувањето, пандемијата на Ковид, кризата со трошоците за живот и смртоносната железничка несреќа во февруари, што предизвика гнев во јавноста.

Од друга страна, пак, резултатот е катастрофален за Сириза и нејзиниот лидер Алексис Ципрас, жесток левичар кој дојде на власт во 2015 година поради незадоволството на гласачите од другите партии поради нивното справување со должничката криза која ја пустошеше грчката економија повеќе од една деценија.