ОЛАФ БАРА МАКЕДОНИЈА ДА ВРАТИ 2,2 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ЗЛОУПОТРЕБЕНИ ЕВРОПСКИ ФОНДОВИ

0
194

Нота.мк доби потврда во Обвинителството дека се спроведува предистражна постапка во тој случај.

„По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција активно спроведува предистражна постапка. Со оглед на тајноста на постапката не можат да се споделат повеќе детали,“, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според информациите на Нота.мк, се работи за случајот пријавен во Основното јавно обвинителство – Скопје, од страна на тогашната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.

Исчезнат, па најден случај

Според извор на Нота.мк, при посета на претставници на ОЛАФ во земјата случајот не можел да се најде, па ОЛАФ направил притисок врз Финансиската полиција да се примат копии, кои добиле третман на оригинали. На 02.04.2023, во интервју за ТВ Телма, поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, посочи дека во периодот кога била суспендирана ѝ биле испразнети фиоките во канцеларијата, при што исчезнале докази за предмет поврзан со злоупотреба на европски фондови. Тогаш, велејќи дека немала тајни во фиоките, Русковска изјави:

„Знам дека електронски докази, што беа испратени од ОЛАФ – тоа е финансиска полиција на ЕУ која работи на проневера на европски фондови, ги снема. После повторно беа пратени од страна на ОЛАФ“.

Во исчезнатата, па најдена пријава, до која дојде нота.мк, се наведени 23 лица. За првопријавеното лице е наведено дека е македонски и бугарски државјанин, а меѓу пријавените има и две лица од Грузија. Во пријавата се обвинува дека во 2016 година е оформена група на лица со цел стекнување противправна имотна корист преку злоупотреба на ЕУ-фондови и дека за прикривање на трагата на парите, во еден случај тие завршиле во фирма во Бугарија. Во пријавата се посочува дека е направена и злоупотреба на лични податоци преку пристап до системите на Европската комисија преку внесување, обработка и дистрибуција на материјали од доверлив карактер. Грузиските државјани служеле како проформа договорна страна за извлекување на средствата. Во пријавата се наведени и училишта, односно нивни претставници, кои биле вклучени во таа шема и кои биле користени исто така проформа за извлекување пари, кои завршувале во две фирми.

Рапидно брзото“ трае четири ипол години

Европската комисија, од страна на вработена во Националната агенција, била информирана во октомври 2019 година за злоупотреби на европски фондови – истрага која почнала во 2018 година и дека парите завршуваат во две фирми. На пратените фајлови, од Европската комисија одговориле дека сметаат оти „ова треба рапидно брзо да се пренесе до Вашите национални власти за борба против измами“. По завршувањето на интерната истрага во Агенцијата, која покажала дека две фирми секогаш ги добиваат тендерите за реализација на проектите, тогашната нејзина директорка ја поднесува пријавата во Обвинителството на 30.12.2019 година. Нота ја контактираше Димова за да ја праша дали и таа пријавила во европските институции, пред да ја поднесе пријавата во македонското обвинителство, за злоупотребата на парите?

„Се разбира. Сѐ по правила: како дел од редовното годишно известување кон Брисел, конкретно во Генералниот директорат за образование и култура (ДГ ЕАК), а оттаму морав да го известам и Одделот за измами во ДГ ЕАК. Ја известив Делегацијата на Европската комисија во Скопје. Лично бев кај амбасадорот Жбогар, но и Владата, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за внатрешни работи, Комисијата за заштита на конкуренција, во АФКОС (во Министерството за Финансии одделение за координација на борба против измама на ЕУ средства) и на крај во Јавното обвинителство. Ниту една институција не прескокнав“, нагласува Димова.

ОЛАФ ниту потврдува, ниту демантираОЛАФ е кратенка од францускиот израз за Европската канцеларија за борба против измами и тоа е тело на ЕУ формирано во 1999 година со цел заштита на буџетот на ЕУ преку детектирање и истражување на злоупотреби.

Меѓу 2014 и 2022 година ОЛАФ спровел 23 истраги во Македонија од кои девет се затворени со препораки. Од ОЛАФ за нота.мк информираат дека извештајот со податоците за истрагите во Македонија во 2023 година ќе биде објавен овој јуни. Во однос на истрагата и барањето да се вратат злоупотребени пари, во прес-канцеларијата на ОЛАФ одбија да потврдат или да демантираат за тоа што беше изнесено во прашањата до нив.

„Не сме во позиција да ги одговориме Вашите прашања. ОЛАФ вообичаено не коментира случаи кои можеби ги третира или можеби не ги третира. Ова е со цел да се заштити доверливоста на сите можни истраги и на можни судски постапки кои следуваат, како и да обезбеди почитување на личните податоци и процедуралните права“, велат во прес-канцеларијата на ОЛАФ.Димова очекувала ОЛАФ да се вклучи во истрагата, бидејќи случајот има прекугранична димензија. Официјално известување што се случува со нејзината пријава никогаш не добила.

„Официјално известување никогаш не добив. По моето разрешување, новоименуваниот директор на Националната агенција им ги исплати средствата на лицата осомничени во пријавата – средства што беа сопрени заради истагата – и тоа ми кажува дека Националната агенција веројатно го повлекла предметот. Впрочем, тоа и од мене се бараше“, нагласува Димова.

Притисок за повлекување на пријавата

Таа тврди дека била повикана во партиското седиште на СДСМ и пред лице од ВМРО, кое гласаше за менување на уставното име, ѝ било побарано да ја повлече пријавата.

„Јас долго време живеев во заблуда дека ја имам поддршката од Владата и од СДСМ. Но, од денешна перспектива ми е јасно дека тие никогаш не ме сфаќале сериозно. Всушност, мислам дека тие не веруваа дека ќе ја разоткријам целата шема и ‘ме пуштија да си играм детектив’. Но, кога веќе ја открив шемата и ја обзнанив на прес-конфереција, веќе беше доцна – Брисел знаеше сѐ! И тогаш го доживеав пресвртот – прво од мене се побара да ја повлечам пријавата, и кога не послушав, следуваше медиумската хајка со ‘тренираните магариња’, моето разрешување и сега судењето“, нагласува Димова.

Од пред една година против Димова во тек е судска постапка за злоупотреба на службена положба и овластување, и за измама. Таа тврди дека никогаш не била повикана во Обвинителството по поднесувањето на пријавата од нејзина страна за детектираната злоупотреба на европските фондови.

„Ниту една институција не беше заинтересирана за случајот, иако лично бев кај тогашниот премиер за да го информирам, па и кај тогашниот Јавен обвинител“, вели Димова и додава: „Луѓето инволвирани во оваа шема се високопрофилирани луѓе во политиката на Македонија т.е. тие се или криминалци од кариера или кукавици, кои молчат зашто се плашат од своите ‘пријатели-сопартијци’ и по малку од законот. Инаку, чисто како куриозитет – едниот Грузиец бил и стипендист на македонската влада“, нагласува Димова.

Прашана дали дваесет и трите лица, наведени во нејзината пријава делувале здружено, Димова одговара:„Поздружено – здравје! Од апликацијата на проектите, до пишувањето тендери за јавни набавки, носењето на учениците на мобилност, па сѐ до пишувањето извештаи – периодични и конечни – сѐ било здружено, освен поделбата на парите. Тие оделе само на две места“.

Или враќање на парите или помалку идни фондовиСпоред неа, овие лица и по пријавата продолжиле да добиваат средства од европски фондови. Обидите за комуникација со директорот на Националната агенција, м-р Марко Ѓоргиевски, на оваа тема беа неуспешни. Одоговори на пишаните прашања не добивме. По еден телефонски повик, откако стана свесен дека од странски број го бара македонски новинар, по првото „хелоу“, следеа неколку „ало, ало, ало“ и спуштање на телфонот, по што тој беше недостапен.

Така не беше можно да се дојде до одговор: до кога е рокот за враќање на парите преку државниот буџет? Таков одговор не добивме ни од Министерството за финансии, ниту од Владата.Извор на Нота.мк тврди дека на интерен состанок во Агенцијата било речено дека поради изборниот циклус во земјата не е можно сега да се бара враќање на парите.Во вакви случаи постоеле две можности: или парите да се вратат преку државниот буџет, или да се скрати побаруваната сума од идни фондови и така да се уплатат помалку пари во земјата.

Владата ќе расправала на седница затворена за јавностаОд Владата информираа дека во декември на седница на Владата се разгледувало барањето на ОЛАФ да се вратат парите назад.

„Владата на Република Северна Македонија, на седница одржана на 19 декември 2023 година, ја разгледа Информацијата за поврат на средства согласно Извештајот од ОЛАФ ОС/2019/0983/В4 и согласно расправата на седницата Владата ги задолжи Секретаријатот за европски прашања и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да го побараат официјалниот Извештај на ОЛАФ и потоа да го достават, за истиот да се разгледа на затворена седница на Владата со цел натамошно постапување“, стои во соопштението од Владата. Оттаму не одговорија дали таа седница затворена за јавноста се случила, односно дали тој извештај е веќе разгледуван.

Иако ОЛАФ е дел од Европската комисија, тоа тело делува независно во своите истраги за корупција и измами, со цел осигурување дека парите на даночните обврзници во ЕУ завршуваат за нивната намена во проектите.

Извор : Нота.МК

Александар Методијев