ОД ЛЕПЕШКИ ДА БЕШЕ ПОДОЛГО ЌЕ ТРАЕШЕ – ПОЧНА ДА ПАЃА СТИРОПОРОТ ОД ФАСАДАТА НА ВЛАДАТА ПЛАТЕН 8 МИЛИОНИ ЕВРА

0
1191

Од фасадата на Владата отпадна големо парче од стиропорот кој беше платен 8 милиони евра. Фотографиите со паднатиот стиропор ги објави потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, кој напиша: „Криминалот на режимот на ДПМНЕ ден денес го плаќаме“.

За изведбата на владината фасада со евтини материјали на почетокот на месецов истрага отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција. Според истрагата, фасадата на Владата е изведена од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект, а изведувачот со „заштедените“ пари купил недвижности во Гази Баба, Центар Жупа и Крушево, а потоа истите ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија.

ПОЧНАА ИСТРАГИТЕ ЗА „СКОПЈЕ 2014“ ЗА ПРОНЕВЕРЕНИ 8 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РЕЗБАРСТВО НА СТИРОПОР НА ФАСАДАТА НА ВЛАДАТА

Барокизирањето на фасадата на владината зграда почна на денешен ден, во 2013 година.

„Во интерес на транспарентноста и отчетноста ја известуваме јавноста дека Владата на Република Македонија преку Службата за општи и заеднички работи започна со реконструкција на фасадата на зградата на Владата на Република Македонија. Проектот ќе опфати целосна реконструкција на старата и дотраена фасада, и очекувањата се дека во зависност од временските прилики ќе се реализира во наредниот едногодишен период. Ова е прва пообемна реконструкција на фасадата која датира од самата изградба на објектот. Самата изградба ќе обезбеди повеќекратен бенефит, вклучувајќи го естетскиот момент, заштедата на енергија и дополнително зацврстување на сигурноста на самиот објект. Беше оставена можност за идејното решение на самата фасада да одлучуваат граѓаните на Република Македонија, така што постојното решение е израз на нивната волја и желба“, соопштија тогаш од Владата на Никола Груевски.
Извор : СДК.МК