ЌЕ СЕ ПОЧИТУВААТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРОТОКОЛИ ЗА ВРЕМЕ НА СВЕЧЕНОТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ 20 ГОДИНИ ОД ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР, АРТАН ГРУБИ: ЦЈЗ ЌЕ БИДЕ ЗАДОЛЖЕН ЗА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОРОНА

0
735

“Центарот за јавно здравство (ЦЈЗ) ќе ги спроведува здравствените протоколи за утрешното одбележување на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор” – изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

“Испратено е барање до Министерството за здравство и тоа пред три недели најмалку. Сум контактирал и со министерот за здравство по однос на сите протоколи тука. Вчера контактирав и со директорот на Центарот за јавно здравство, докторот Шабан Мемети, кој што секако ќе ги донесе и сите потребни луѓе кои што ќе ги спроведат протоколите предвидени за утрешниот настан” – изјави Артан Груби пред проекцијата на документарниот филм “По Охрид” во организација на Центарот за европски истражувања и анализи Еуропроспера и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Документарниот филм е снимен во 2002 година и во него учествуваат сите протагонисти на Охридскиот рамковен договор: екс секретарите на НАТО, Џорџ Робертсон и Хавиер Солана, екс лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски и сите други кои што учествувале во преговорите.