ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОСТАПУВА ПО ТРИ ПОДНЕСЕНИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ОД АВСТРИСКАТА ФИРМА АММА

0
722

– Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Од ЈОРСМ, појаснуваат дека наведеното правно лице во 2021 година до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднело кривична пријава за кривично дело – Измама и Злоупотреба на службена положба.

– Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи утврдил дека нема елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија. По изјавената жалба на решението, предметот се наоѓа на постапување во Вишото јавно обвинителство Скопје, информираат од ЈОРСМ.

Во меѓувреме, истото правно лице поднесе пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело – Оштетување или повластување на доверители.

  • Пријавата е примена на 26.05.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба ќе нареди и соодветни вештачења, велат од ЈОРСМ. До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице на 23.06.2023 година поднесе кривична пријава против неименувани службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за Несовесно работење во службата, Фалсификување службена исправа и Компјутерски фалсификат.

– Пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејствија со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, вчера во отворено писмо до медиумите насловено „Што ќе надвладее? Владеење на правотот и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници“ обвини дека фирмите ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробиле судството и службениците (извршителите и нотари) во случајот со австриската инвестиција во земјава на AMMA Import Export GmbH (AMMA), со седиште во Хоенемс, Австрија и повика „да се отстранат сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите во овие случаи“.