НА ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА ПОЧИНАЛА 20-ГОДИШНА ДЕВОЈКА ОД ГРИП, ИМАЛА КОМОРБИТЕТИ И НЕ БИЛА ВАКЦИНИРАНА

0
263

На Инфективната клиника во Скопје починала 20-годишна девојка како последица на грип, објави денеска ТВ Канал 5.

Оттаму, повикувајќи се на информации од Клиниката за инфективни болести, соопштија дека од почетокот на сезоната на грип ова е седми смртен случај, како и дека девојката имала коморбидитети и не била вакцинирана против инфлуенца.

„Девојката била префрлена од Клиниката за хематологија, но без да се прецизира за која хематолошка болест била испитувана. Таа не била вакцинирана“,пренесува Канал 5.

Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести апелира да се почитуваат препораките за задолжително носење маски во здравствените установи, особено хронично болните, и при движење во средини со голема фреквенција на луѓе.

„Секојпат кога ќе започне сезоната на вакцинирање за грип, се знае дека тоа е за лицата кои се на приоритетна листа, за кои нема одлагање на вакцинацијата, тие се меѓу првите што треба да се вакцинираат и кај кои вакцината секогаш ќе даде максимален бенефит и ќе биде причина да се оневозможи хоспитализацијата и смртниот исход. Остануваме на препораките што претходно ги кажавме дека треба да се носат маските задолжително во здравствените установи за да се оневозможи повторно пренесувањето на вирусот од човек на човек особено таму каде што веќе знаеме дека имаме хронично болни“,вели Мехмедовиќ.

Според него, се чекаат бројките на болни за јануари за да се види дали има пораст на заболени за да се утврди потреба на евентуално нови мерки, иако вообичаено врвот на грипот е во февруари и почетокот на март.

„Не можеме да кажеме додека бројките не почнат да паѓаат. Ги знаеме бројките коишто беа за декември, го очекуваме сега и извештајот за јануари. Се очекува тој пик на грипот секогаш да се движи во периодот помеѓу втората недела на месец февруари и првите две недели на месец март, кога точно ќе биде повторно ќе зависи од тоа какви ќе бидат извештаите од Институтот за јавно здравје,рече Мехмедовиќ.

Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во последниот извештај за состојбата со грип и заболувања слични на грип, пред две недели имало регистриран еден смртен случај поврзан со грип.

Оттаму велат дека се работи за лице на возраст од 45 години од Неготино кое било хоспитализирано во Клиниката за инфективни болести.

Во досегашниот тек на сезоната на грип се регистрирани шест починати лица асоцирани со грип, две од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар и Штип, во возрасната група над 65 години и од возрасната група на лица 15-64.

Вкупниот број случаи на грип и заболувања слични на грип во сезоната 2023/2024 изнесува 5 175. Во споредба со истиот период минатата сезона, се бележи зголемување од 22,3 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони има раст од 34,6 отсто.

Пред две нели во земјава биле пријавени нови 1 675 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, што е за 41,7 отсто повеќе во споредба со претходната седмица.

Институтот препорачува вакцинација на целото население, посебно на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи.