МИЦКОСКИ ОД ТРИБИНАТА ВО КИЧЕВО : ЌЕ ВОВЕДЕМЕ ДВА ПРОЕКТИ, Е-ПРОСТОР И БИМ СОФТВЕР, СО КОИ ЌЕ ЈА НАМАЛИМЕ КОРУПЦИЈАТА ВО ОБЛАСТА НА УРБАНИЗМОТ

0
288

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на дебатата Инфраструктурна платформа за иднина на тема Концепт за инвестиции во инфраструктурата која се одржува во Кичево најави два проекти во областа на урбанизмот со кои ќе се намали корупцијата.

„Во делот на урбанизмот сакам да споменам две работи, а тоа е проектот е-простор. Денеска за да почнете еден проект или да почнете план потребно е да добиете мислење од многу институции. Од МЕПСО за нивната инфраструктура, ЕВН, од комунални претпријатија, од Заводот за културно и историско наследство итн. Станува збор за десетици институции кои треба по закон да ви дадат мислење дали нешто можете да урбанизирате. Нашата цел во следниот мандат ќе биде комплетно дигитализирање на сето ова, да може урбанистот да го направи планот без да чека мислења од соодветните институции на начин  на кој ќе ја користи таа софтверска алатка која ќе му дава одговор дали на таа парцела, во тој периметар има било каква инфраструктура било која од надлежните институции. Целосна дигитализација  со што ќе се намали влијанието на човечкиот фактор, ќе се забрза самиот процес, ќе се зголеми транспарентноста и она што е многу важно ќе се намали моментот на корупција бидејќи тоа најмногу ги мачи граѓаните“, рече Мицкоски.

Мицкоски освен на е-проектот се осврна на уште еден проект кој ќе го олесни градењето.

„И второто, тоа е една софтверска алатка која би била наречена бим алатка. Тоа е алатка која би ја користеле институциите и проектантите кои во процес на вадење на градежна дозвола ќе можат да го инсертираат самиот проект, односно цртежите кои се составен дел од тој проект, а оваа алатка да даде одговор на тоа дали проектот одговара урбанистичките основи, дали тој проект ќе можеме понатаму да го користиме и конечно да можеме да го забрзаме процесот на давање на градежна дозвола, да ја зголемите транспарентноста и да ја намалиме корупцијата, она што е најважно“, кажа Мицкоски.

Мицкоски заклучи дека овие проекти ќе се дел од следната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова ќе е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, без ветувања на чуда, бидејќи не сме чудотворци. Работејќи отчетно и чесно сакаме да ја вратиме довербата на граѓаните кон институциите“, кажа Мицкоски.