МИЦКОСКИ : ГЛАВНИОТ НАШ ФОКУС ЌЕ БИДЕ ЕКОНОМИЈАТА И ПОДОБРУВАЊЕ НА СТАНДАРДОТ, ВЕТУВАМЕ НИСКИ ДАНОЦИ, ИНВЕСТИЦИИ

0
283

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за порталот Прес 24 се осврнува на најголемиот проблем кој мора да се реши за воопшто да се тргне напред. Според него јасно е зошто народот сака да влеземе во ЕУ.

„Не само за да бидеме дел од едно поголемо семејство, туку многу повеќе за да живее економски подобро. Најголемиот фокус и најголемата мака на граѓаните е економијата и лошата живеачка. Знаете ли дека сме на опашката по економскиот раст во регионот. Во периодот од 2017 до 2023 година растот на БДП на жител во Македонија е само 20 %, а кај сите други држави од регионот е 50 %, а некаде и над тоа. Додека Македонија има раст од 20 %, во Србија растот е 50 %. А за истиот период во Бугарија БДП на жител се зголемил 64 %. Албанија, каде што во периодот од 2017 до 2022 година БДП на жител пораснал 52 %.“, објаснува Мицкоски.

Според него власта лажеше дека инфлацијата е увезена, а сведоци сме дека имаме 50 % поголема инфлација од еврозоната.

„И додека 600.000 наши сограѓани живеат на работ на сиромаштијата. Поразително е што дојде време пензионерите наместо пристојна и мирна старост да одат и протестираат по улиците, за некој денар повеќе“, вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажува дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зголеми пензиите линеарно од 5.000 денари за сите пензионери во Македонија уште во првата година од формирањето на владата, притоа осврнувајќи се на сите мерки кои ќе ги преземе следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Понатаму планираме сериозно да интервенираме во данокот на добивка и тоа за секоја компанија, без разлика дали е домашна. Можеби компанија која што ќе дојде од Европа и светот, која што својот профитен центар или седиште ќе го донесе во Македонија, за деклариран профит до 20 милиони евра данокот ќе остане ист, 10%, нормално, ако е реинвестиран 0%. Ако пријави профит околу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, од 30 го 50 милиони евра ќе биде 6%, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%, со што Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит. Исто така сакаме да го помогнеме образованието и развој на културата. Исто така ќе се фокусираме и на енергетиката и инвестирањето на капитални проекти кои ќе ја зголемат енергетската независност“, кажува Мицкоски.

Мицкоски информира дека кон крајот на овој месец ќе почнат активности за промовирање на главните политики кои ќе бидат дел од идната програма.