МИТРЕСКИ : ИМАМЕ ОДГОВОРНОСТ ДА ГИ СПРЕЧИМЕ БЛОКАДИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО СОБРАНИЕТО И КОМИСИЈАТА ПРЕКУ КОИ БЛОКИРААТ ВАЖНИ ЗАКОНИ

0
631

Прес-конференција на Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Со месеци во македонското Собрание гледаме една иста слика а тоа е на различни начини да се опструира и да се блокира работата на Парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ваквите опструкции и блокади, собраниските седници траат предолго, носењето на закони во интерес на граѓаните чекаат со месеци, заглавени се во комисиите кои ги води опозицијата.

Со еден збор, тоа не е само континуирана штета на угледот на Собранието, тоа е штета на ефикасноста, а со тоа предизвикуваат штета и на граѓаните.

Вчера цел ден граѓаните можеа да видат како пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекуваа собраниската седница. Не дозволуваат парламентарното мнозинство да биде пресликано и во работните тела и комисиите.

Работата на Комисијата за избори и именувања со месеци е закочена, а таа е важна за избор и именување на составите на важни државни институции. Една од нив, секако е и Уставниот суд кој со месеци работи во нецелосен состав.

Со одолговлекувањето на оваа седница, ВМРО-ДПМНЕ кочи и други важни закони кои се на дневен ред, меѓу кои и Законот за земјоделство и рурален развој кој обезбедува 100 отсто субвенционирана нафта за земјоделците, од досегашните 50 отсто. Тоа значи целосно покривање на трошоците за нафта.

Покрај ова, со месеци во Собранието гледаме блокада на други важни закони.

Блокиран е Законот за наставниците и стручните соработници во основното и средното образование кое обезбедува повисоки плати за 27.000 наставници.

Законот за служба во Армијата кој носи подобри услови за пензионирање на војниците, можност на војниците да бираат дали ќе продолжат во јавна служба или ќе добијат надомест до 20,000 евра, исто така е блокиран.

Повеќе од една година е блокирана и изградбата на нов Клинички центар во Скопје.

Сето ова ВМРО-ДПМНЕ го прават заради фрустрација од дебаклот при формирањето ново парламентарно мнозинство и од очај за да ја прикријат неспособноста и криминалното однесување на нивните градоначалници.

Како парламентарно мнозинство нема да се повлечеме пред блокадите на опозицијата, ќе сториме се, сите закони важи за граѓаните да бидат донесени и да започне нивната реализација.

Мнозинството секогаш ја има можноста, мнозинството има легитимно право дадено од граѓаните, мнозинството за разлика од опозицијата ја носи и одговорноста за донесените одлуки во Собранието.

Така е секаде во европските држави, така е и кај нас.

Блокадите, опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ и парламентарната опозиција нема да успеат.