МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ ЗА ,,ФОКУС” : НА ИЗМЕНАТА ЗА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ГЛЕДАМ КАКО МОЖНОСТ ЗА БРЗИ И ЕФИКАСНИ ПОСТАПКИ СО ПРОШИРЕНА КОНФИСКАЦИЈА НА НЕЛЕГАЛНО СТЕКНАТ ИМОТ

0
344

Измените на Кривичниот законик беа една од главните теми во интервјуто со министерот Спасовски за неделникот „Фокус“. Запрашан за личен став во однос на измените кои предвидуваат пониски казни за злоупотреба на службената положба, Спасовски смета дека мора да се направат низа мерки и активности, вклучувајќи и промена на законската регулатива, коишто ќе придонесат за поефикасна борба во однос на корупцијата и криминалот во општеството.

„Кога зборувам ефикасност, тоа значи да имаме ефикасни, брзи постапки во кои тие коишто ги злоупотребиле своите позиции и влегувале во висока корупција, да можат на многу брз и ефикасен начин да бидат процесуирани и сето она што го имаат стекнато да биде конфискувано и да биде вратено назад. Така што, измената на Кривичниот законик јас ја гледам не како проблем, туку како една можност. Сакам да напоменам дека воопшто не станува збор за Закон со којшто ќе има амнестија, таму не може да има амнестија за никого! Таа е во директна согласност со директивата на Европската унија, во која се предвидува проширена конфискација.

Наведувајќи ги своите аргументи во прилог на овој негов став, Спасовски потсети дека судските постапки траат многу долго, со години и се случува да завршат без да биде конфискуван имот. „Ако погледнете историски, ќе видите дека од 90-тата година, па некаде до 2017 година ние сме имале само три конфискации на нелегално стекнат имот. Тоа што ни траат судските постапки многу долго, тоа што сите функционери биле подведувани под еден член „злоупотреба на службената положба и овластување“, без притоа да се конкретизираат кривичните дела кои се направени, претставува проблем и во правниот систем.

И тоа никаде го нема во земјите членки на Европската унија. Таму има низа на кривични дела под коишто можат да бидат подведени сторените кривични дела од функционери и на тој начин да носат одговорност“, објасни Спасовски, додавајќи дека така ќе се избегнат ситуации во кои по десетици носители на функции ќе бидат подведени под истиот член и притоа ќе се докажуваат за тоа дали е злоупотребена функцијата или не е злоупотребена, дали се преземени доволно мерки, имало ли доволно докази, а притоа постои друго кривично дело за кое се исполнети елементите, остварено битието на тоа кривично дело.

Во однос на тоа дали со овие измени на Кривичниот законик паѓаат во вода судските процеси што се сѐ уште активни, министерот Спасовски е дециден дека измените на Кривичниот законик прво не го укинуваат кривичното дело „злоупотреба на службената положба“. Укинуваат став од него и обвинителот има можности да направи преквалификација на делото на основа на доказите кои ги има.

„Значи не станува збор дека не може да се одговара, дека некој овозможува преку измена на овој закон да не се носи одговорност. Станува збор за тоа дека мора истражните органи, предистражните органи да бидат инвентивни и да ги користат кривичните дела коишто се огромен број во Кривичниот законик и на основа на тоа да се носи одговорност. Како што реков, тоа е сериозен проблем. Имате постапки кои се отворени 2015, 2016, 2017 година и до денеска нема конечна пресуда. Тоа е клучниот проблем во македонското општество, граѓаните сакаат да видат предвидливост и следливост на постапките, од моментот на отворањето на постапката да ја видат крајната состојба, да се издржи казната затвор и да се конфискува имотот кој е нелегално стекнат, доколку го има“, рече Спасовски, додавајќи дека измените на Законот не создаваат можност со која некој ќе биде ослободен од обвинение.

„Едно е исполнувањето на битието на кривичното дело, а второ е можноста од застареност. Мислам дека премногу го следиме процесот на застареност на предметите и во исто време го поврзуваме со ова. Јас немам точна анализа, сега зборувам како МВР и тоа не е наша надлежност да анализираме што точно ќе се случува со одредени предмети, меѓутоа важно е дека ова не е закон за амнестија, тоа е една работа, односно и понатаму ќе се водат постапки и за тоа кривично дело злоупотреба на службената положба, а најзначајно е дека постапките ќе бидат и брзи и ефикасни. Во однос на постапките, тие се водат и на основа на аргументацијата којашто ја имаат обвинителите и судот ќе можат да ги носат одлуките“, порача Спасовски.

Запрашан дали има договор меѓу власта и опозицијата со измените на кривичниот законик да се спаси поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и други функционери од опозициската партија, а за возврат да се обезбедат гласови за донесување на уставните измени, министерот Спасовски потсети дека Груевски има низа на предмети коишто се водат за кои застареност може да се очекува 2036 година, а има предмети за коишто не е водена постапка токму поради тоа што не бил достапен.

„Еве за организацијата на настаните од 27 април, застареноста чинам е дури по 40 години. Тоа покажува дека нема никаква основа за ослободување од кривична одговорност на никого, ниту на него. На кој начин ќе се анулираат тие постапки кои се водат овде во институциите?! Тоа е можно само со амнестија, а таква работа немаме денеска. Така што сите овие и актуелни и поранешни функционери апсолутно не се изземени со измените во овој закон“, подвлече Спасовски.
На прашањето дали јавноста може да очекува да се врати Груевски на бел коњ и да биде пречекан со сите почести, министерот Спасовски дециден: „За него се водат многу постапки за кои ќе има сериозна кривична одговорност, така што ниту има било каква основа за некаков страв, ниту за каков било восхит – посебно не за Груевски“.