МИНИСТЕРОТ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ НА СРЕДБА СО ЦРНОГОРСКИОТ КОЛЕГА ФИЛИП АЏИЌ : ОДЛИЧНА СОРАБОТКА СО МВР НА ЦРНА ГОРА КАКО РЕЗУЛТАТ НА ДОБРИТЕ ОДНОСИ ПОМЕЃУ ЗЕМЈИ

0
422

Денеска (16 ноември 2022 година), во Министерството за внатрешни работи се одржа билатерална средба помеѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ, откако заврши Министерската конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан, во соорганизација на ИОМ и МВР на Република Северна Македонија.

На средбата двете страни изразија голема благодарност за одличната билатерална соработка која трае веќе со години. Истовремено нагласија дека односите помеѓу двете земји се развиваат во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување.

„Соработката меѓу Министерството за внатрешни работа на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Црна Гора се оценува како плодна, отворена и сето тоа е резултат на добрите односи кои постојат меѓу двете земји.

Интерес на МВР на Република Северна Македонија е унапредување и продлабочување на билатералната и оперативната меѓународна соработка со МВР на Црна Гора, изразена, меѓу другото преку заложбите за подобрување и развивање на регионалната соработка, особено на полето на организираниот криминал, како и успешното спроведување на имплементациските Протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, но и заедничкото учество во Регионалните иницијативи”, истакна министерот Спасовски.

Денешната средба беше искористена за разговор за тековните предизвици, како што е управување со миграциите, за размена на искуствата во однос на европските интеграции, борбата против организираниот криминал и генерално за зајакнување на регионалната соработка.

„Дополнително, години наназад соработката помеѓу овие две министерства и држави се продлабочува согласно “Протоколот меѓу  Министeрството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на  Црна Гора  за соработка во текот на туристичката сезона“, според кој претставници од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија вршат активности во делот на полициска соработка и други активности за заштита на македонските државјани кои летуваат во Црна Гора.

Ја потенцирам меѓународната оперативна соработка помеѓу Република Северна Македонија и Црна Гора која се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка и истата е на високо професионално ниво. Тоа подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија”, истакна министерот Спасовски.

Од страна на министерот Аџиќ беше истакнато значењето на соработката помеѓу полициите на двете земји кои со заеднички акции и ефикасна работа на криминалистичките тимови, успешно реализираат активности во борбата против меѓународниот организиран криминал, па во таа насока беше изразена подготвеност  за унапредување на истата, а посебно беше истакната неодамна спроведените полициски активности по повод Ден на заедничка акција за Југоисточна Европа (SEE JAD), со која се остварени значителни резултати, како на Црна Гора, така и на земјите од регинот и државите од ЕУ, а чиј учесник беше и полицијата на Република Северна Македонија.

Министерот Аџиќ му честиташе на министерот Спасовски за неодамнешното отворање на преговорите со ЕУ, при што беше изразена подготвеност за помош на македонската страна, со оглед на досегашното искуство на Црна Гора во тој процес, како и надеж дека преговорите успешно ќе завршат во разумен рок.

Од црногорската страна беше истакнато дека Црна Гора во 2013 година ги отпочна преговорите со ЕУ за поглавјата 23 и 24 и до денеска се спроведени голем број реформи, со значајни резултати во владеењето на правото, а во тој контекст беше потенцирано дека моментално Црна Гора е најнапредна земја во регионот во преговарачкиот процес, со сите отворени поглавја и привремено затворени преговори во 3 поглавја. На крајот, и двете делегации изразија подготвеност за продолжување на соработката и во иднина, со можност истата да се прошири и на многу други полиња од заеднички интерес.