МВР СО ДЕТАЛИ ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЛУКСУЗНИТЕ ВОЗИЛА : ПРОНАЈДЕНА И ДРОГА, НОЖЕВИ, ОРУЖЈЕ … ПРИВЕДЕНИ 18 ЛИЦА, ПОДНЕСЕНИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ

0
883

Денеска (05.07.2023) од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје во содејство со Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за специјални полициски операции, во координација со надлежен Јавен обвинител од Основното Јавно Обвинителство Скопје, беше спроведена координирана полициска акција насочена кон лица инволвирани во криумчарење на луксузни моторни возила на подрачјето на СВР Скопје, како и на подрачјата на Битола, Кочани и Ресен. Притоа, извршени се претреси на 24 локации, кај вкупно 23 лица со цел пронаоѓање и обезбедување дополнителни материјални докази кои потекнуваат од извршени кривични дела, а од слобода се лишени вкупно 18 лица, додека по 3 лица се трага.

Од страна на СВР Скопје во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторени кривични дела „Криумчарење” по чл.278, „Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама” по чл.278-б, „Фалсификување исправа” по чл.378, „Спречување докажување” по чл.368, „Злоупотреба на лични податоци” од чл.149, „Фалсификување службена исправа” од чл.361 и „Компјутерски фалсификат” од чл.379-а од Кривичниот законик, против 21 лице на возраст од 20 до 49 години, од кои 5 се вработени како референти во Одделение за управни работи – Скопје, и тоа: Д.С.(43), Н.Н.(42), В.И.(48), С.С.(37), А.Л.Т.(29), А.П.(20), З.А.(38), С.А.(49),Н.К.(26),П.М.(41), А.Ј.(38), М.И.(45), Ф.Ф.(31), З.Т.(25), С.К.(39), С.К.(41), И.Ј.(30), М.А.К.(43), Д.Т.(34), М.С.(35), И.В.(46), како и против едно правно лице од Кочани.

Од страна на СВР Скопје при преземањето на мерките и активностите во рамки на спроведено криминалистичко истражување утврдено е дека во период од 2020 до 2022 година, пријавените извршувале криминални активности, односно криумчарење на луксузни моторни возила така што им ги менувале оригиналните идентификациони броеви на шасијата, потоа изготвувале или обезбедувале фалсификувана документација и ги внесувале преку државната граница со оригинални или со фалсификувани странски регистарски ознаки или со претходно издадени македонски регистерски ознаки. Тие, избегнувајќи ја царинската контрола ги пренесувале како непријавена стока, без да ги пријават во транзитна постапка за да се отпочне царинска постапка. Притоа, искористувајќи фалсификувани документи, како и претходно издадени оригинални македонски регистарски ознаки кои потоа со употреба на лажни јавни исправи како вистинити, односно со фалсификуван идентификационен број, ги легализирале возилата како оригинални, со цел нивна понатамошна препродажба преку фиктивни продажби како хаварисани и нивни продажби за нереални износи, со цел стекнување на противправна имотна корист од околу 36.329.247 денари, односно над половина милион евра.