БЕКТЕШИ ГО ПОКАНИ МИЦКОСКИ ДА ОДАТ ЗАЕДНО ВО ФИРМАТА НА СИНОТ НА АЛИ АХМЕТИ, А МИСАЈЛОВСКИ И МУЦУНСКИ ГИ ПРОЗВА ДА ОДГОВОРАТ ЗА ВНУКОТ

0
595

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска излезе со прозивки кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и двајца од потпретседателите на партијата, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, а во врска со обвинувањата кои од опозициската партија ги упатија во врска со членови на семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Меѓу последните обвинувања од опозицијата беа дека синот на Ахмети, Шкумбин, заедно со двајцата внуци, Дрин и Бесијан, влегува во бизнис за изградба на фотоволтаична централа од 60 мегават-часа која ќе биде јавно-приватно партнерство со државата.Бектеши, пак, денеска излезе со тврдења дека бизнисот на синот на Ахмети е поврзан со архитектура и се за фирми претежно од Швајцарија. Тој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно да отидат и да проверат што работи неговата фирма во Кичево.

„Го повикувам господинот Мицкоски заедно да одиме во Кичево во канцеларијата на господинот Шкумбин Ахмети и пред медиумите заедно да видиме на што работи Шкумбин Ахмети во последните пет години. Тој има приватна фирма која се занимава со архитектура и главно сите негови проекти, повеќе од 99 отсто се за Швајцарија. Тој прави цртежи за потребите на одредени други компании во Швајцарија која нема никаква поврзаност со Република Македонија, а посебно со институциите кои бараат такви услови. Ако е храбар, од денеска кога тој има време, јас ќе ја приспособам мојата агенда со неговата, да одиме во Кичево заедно со медиумите“рече Бектеши.

Ковачки: Синот и внуците на Ахмети сакаат да градат фотоволтаична централа, разговарале со банка и кажале дека им требаат 35 милиони евра.

За еден од внуците на Али Ахмети, Бесиан, пак, ВМРО-ДПМНЕ минатиот период прозиваше дека тој станал прв секретар во нашата амбасада во Брисел. Од Министерството за надворешни работи (МНР) не негираа дека тој работи во амбасадата, но посочија дека таму е испратен како вработен во Економија како економски советник и ја објаснија процедурата како се стигнува до тоа.

Зошто Бесиан Ахмети е избран за економски промотор, пак, Бектеши денеска ги прозва Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски да објаснат бидејќи, според неговите тврдења, тоа се случило во време кога тие биле дел од владата – едниот како министер за транспорт и врски, а другиот како заменик-министер за информатичко општество и администрација.

„Во делот на господинот Бесиан Ахмети би ве повикал и вас медиумите, но би ги повикал и двајцата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски. Кога тој (Бесиан Ахмети) бил избран за економски промотор на Република Македонија за земјите на Бенелукс, едниот (Владо Мисајловски) бил министер за транспорт и врски, а господинот Муцунски бил заменик-министер за МИОА и тие би требало да имаат повеќе информации како е направен изборот зашто изборот на економските промотори се прави посетувајќи ги сите институции вклучувајќи ги и МИОА и МТВ каде се земаат потписи од надлежните се со цел да станат економски промотори“рече Бектеши.

МНР не негираат дека внукот на Ахмети е испратен во Брисел, но ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за непознавање на дипломатската работа
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, експресно одговорија на поканата на министерот до Мицкоски велејќи дека се зачудени од нивото на информираност на Бектеши. Иако поканата Бектеши ја упати за фирмата на синот на Ахмети, во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека фирмата на внукот Ахмети треба да ја посети обвинителството, а не Мицкоски.

„Зачудува нивото на информираност на министерот за економија Бектеши во однос на фирмата на внукот на неговиот партиски лидер Ахмети. Очигледно тој има двојна функција и министер во Влада и портпарол на фирмите на семејството Ахмети. Фирмата на внукот Ахмети треба да ја посети обвинителството, а не претседателот Мицкоски. И притоа да се провери како дваесетгодишник има неколку десетици милиони евра, дали плаќа данок, и како кланот од Зајас стана мултимилионер. А, што се однесува до посетите, во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена со многу движни и недвижни ствари во посед на кланот од Зајас. Се надеваме и тогаш колку и сега министерот за економија Бектеши срдечно ќе има желба истите да ги посети“одговори портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.