МАРИЧИЌ ОД БРИСЕЛ : НАШАТА ПРОЦЕНА Е ДЕКА ИМАМЕ ДОБРА СТАРТНА ПОЗИЦИЈА ПРЕГОВОРИТЕ ДА ТРААТ ПОКРАТКО ОД ТИЕ НА СРБИЈА И ЦРНА ГОРА

0
528

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното гостување на тв24 во „Студио10“ изјави дека Северна Македонија стои еднакво добро, а во некои делови и подобро од државите кои преговараат со Европската Унија, што ќе ни помогне да имаме помалку или помалку тешки бенч маркови кога ќе заврши скринингот и дека тоа би требало да ни биде шанса или добра стартна позиција за преговорите да траат пократко од тоа што траат за Србија и Црна Гора сега.

– Преговорите се официјално почнати на 19 јули, скринингот е една задолжителна фаза на преговорите, тоа не е нешто ново, смислено само за нас, туку постоело за Србија и за Црна Гора, и за Хрватска и за сите други држави. Ние не почнавме од нула, овие два месеци, септември и октомври, ни се презентира оној дел од регулативата и стандардите што се донесени нови од 2019 наваму. Она што е донесено по Ковид кризата, а има верувајте многу нови регулативи заради Ковидот, и прилагодување на денешните услови. Така што ни е признаено тоа што сме го слушале 2018 и 2019 година, а сега продолжуваме во скратена верзија на објаснувачкиот скрининг и веднаш почнуваме со билатералниот од ноември месец и тоа е еден вид на забрзување, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ, кој е воедно и главен преговарач со Унијата објасни дека од ноември натаму започнува оној посериозен дел кој има повеќе тежина за нас, а тоа е билатералниот скрининг, каде што таа структура којашто сега им се презентира на македонските тимови ќе треба ние да презентираме по наше видување колку сме усогласени и каде уште ни треба усогласување и за колку време сме подготвени да се усогласиме за да станеме членка на ЕУ.

– Очекуваме во овие 14 месеци за време на скринингот да ги истакнеме на површина сите наши вредности, наши достигнувања и успеси, но и сите наши слабости и во кој рок треба да ги надминеме, изјави Маричиќ, додавајќи дека по скринингот ЕУ прави извештаи по однос на тоа што ние сме го презентирале и врз основа на тоа што тие ни го претставиле и на тие извештаи се креираат мерила, бенџ маркови за секое поглавје, за секој кластери – што ние треба да исполниме за да станеме членка на ЕУ.