МАРИЧИЌ : НИЕ МОРАМЕ ДА ОСТАНЕМЕ НА ЕВРОПСКИОТ КУРС ВО ПОЛЗА НА СИТЕ ГРАЃАНИ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

0
177

Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, одржа средба со Никола Верола, Генералниот директор за Европа и меѓународна трговска политика од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Италија.

На средбата беше истакнат фактот дека Северна Македонија ја продолжува својата посветеност кон европската интеграција, со значителен напредок по успешната реализација на скрининг процесот, мотивирани од Планот за раст кој е стратегија со намена за забрзување на економско приближување со земјите од ЕУ.

Вицепремиерот истакна дека регионалната соработка на Западниот Балкан е многу важна за успешно стратешко планирање на Планот за раст и спроведување на реформите во државата.

За нас е важно да останеме на Европскиот курс со оглед на моментумот со кој располагаме и кој Европската Унија го нуди како можност – рече Маричиќ.

Генералниот директор Верола укажа на голема поддршка на Италија за прогресот на Северна Македонија на патот кон ЕУ, истакнувајќи ги позитивните сигнали кои Италија ги праќа во ЕУ за државата и за Западниот Балкан, со цел истите да станат дел од Европското семејство. Планот за раст е важна ставка со која граѓаните ќе ги почувствуваат бенефитите од приклучување кон ЕУ и пред полноправното членство во ЕУ.

Двете страни се сложија дека оваа шанса е реалност и  остварлива цел за Северна Македонија да стане полноправна членка во ЕУ. На состанокот беше истакната важноста да се искористи моментот, да не се пропушта можноста со оглед на бенефициите кои државата би ги добила штом стане дел од Унијата.

Првиот заменик претседател Маричиќ го потврди значењето на долгогодишната соработка и се заблагодари за поддршката на Италија за суштинското прашање на државата за приклучување во Европската Унија.

На средбата учествуваа и Андреа Касконе, претставник од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Италија, заедно со амбасадорот на Италија во нашата држава, Андреа Силвестри и заменик шефот на мисијата Марио де Роза.