МАРИЧИЌ Е УБЕДЕН ДЕКА ИМА МНОГУ УЕСБЕА ОД ГРУЕВСКИ ВО ВМРО-ДПМНЕ

0
347

„Театарот што го прави ВМРО-ДПМНЕ околу овој случај не може да го покрие нивното долгогодишно учество во разговорите на оваа тема, а материјалите кои ги приложил потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, со некакви наводи дека измените на Кривичниот законик се своевиден договор помеѓу Груевски и власта, е смешно бидејќи кој било може да седне и да го напише тоа“.

Ова меѓудругото го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во гостување во емисијата „360 степени“.

Според него, моментот во кој ВМРО-ДПМНЕ ги вади материјалите од уесбе за наводен договор помеѓу СДСМ–ДУИ и експремиерот и бегалец од правдата, Никола Груевски, обидувајќи се да направат театар со ексклузивни информации, е смешен бидејќи опозициската партија уште во 2019 и 2020 година презентирала слични материјали.

„Такви материјали има бројни, може секој да го направи тоа, тоа е еден вид анализа на делови од Кривичниот законик со предлози и такви слични материјали презентираше ВМРО-ДПМНЕ уште во 2019 или 2020 година кога се разговараше за Законот за Јавно обвинителство. Вчера слушнавме од Мицкоски дека го пензионирале Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се сеќавате дека тогаш имавме тешки разговори со нив околу тој Закон и дискусијата за Кривичниот законик тогаш тие ја отворија“ – рече Маричиќ.

Тој вели дека лично не знае од кого е испратено уесбето, но додава дека е сигурен оти внатре во ВМРО-ДПМНЕ има многу уесбеа од Никола Груевски.

Маричиќ рече и дека кај оваа партија нема конзистентност за објаснувањето на нивната улога во целиот тој процес, односно дека самите се разоткриваат дека целта им била неказнивост, а најголем доказ за тоа е вчерашниот говор на Мицкоски со кој првпат висок претставник од ВМРО-ДПМНЕ јавно кажал дека целта на партијата била да го пензионира Специјалното јавно обвинителство.

На забелешка дека со измените во Кривичниот законик кои беа донесени токму владејачкото мнозинство го пензионирало СЈО, Маричиќ вели дека не се согласува со оваа констатација.

„Многу се вложивме за тој закон. За секој предмет треба да се разгледа. Целта на нашите измени кои се усвоени е да се зајакнат инструментите за конфискација на нелегално стекнатиот имот, што досега беше голем проблем во некои од случаите на СЈО, а од друга страна, да се стави на разумно и европско ниво висината на казните“ – рече Маричиќ.

Вицепремиерот уверува дека единствена причина зошто измените се донесени е за да се зајакнат инструментите на конфискација, а дека на јавноста останува да одлучи дали ќе верува или не во нивните објаснувања.

„Ние не можеме да го менуваме исказот само затоа што некој друг има сомнеж. Од прв момент до денес намерата е иста, измените се правени во Министерството за правда, земени се и дискутирани и со дел од експертите. Има постојана група за Кривичниот законик која работи повеќе години во Министерството и подготвува нов законик. Мислам дека е логично и во наредниот период да понудат комплетно нов Кривичен законик, не само со овие измени бидејки има работи што треба да се усогласуваат“ – изјави Маричиќ.