ЛИКВИДИРАНИ ДЕЛ ОД 30-ТИНАТА НАПАЃАЧИ КОИ УБИЈА КОСОВСКИ ПОЛИЦАЕЦ ВО ЗВЕЧАН

0
677

Сè уште тензично на северот на Косово. Откако косовски полицаец рано утрината беше смртно застрелан, а двајца беа ранети, кога маскирани лица отвориле оган врз патрола во селото Бањска, во Звечан, попладнево веќе се ликвидирани неколкумина од напаѓачите, тврдат косовските власти. Главната битка се води околу манастирот во Бањска, каде според косовската полиција, се соочуваат со група вооружена со тешко оружје, гранати, зољи и оклопни возила, која напаѓа од неколку локации.

Додека косовскиот премиер, Албин Курти, кој нападот го нарече „терористички чин“ тврди дека вооружени и маскирани лица кои ја напаѓаат косовската полиција се финансирани од Белград, српските челници засега се воздржуваат од коментари кој стои зад нападите. На вонредната прес-конференција која следеше по седница на косовскиот совет за безбедност Курти објави и фотографи од наводните напаѓачи. Тој кажа дека вооружената група е под опсада и им порача да се предадат.

„Нападите на вооружените групи продолжуваат. Има најмалку 30 тешко вооружени лица кои се опколени од нашите сили и ги повикувам да се предадат. Тие се оние кои ја напаѓаат нашата полиција. Сторителите и нивните наредбодавачи ќе бидат фатени и казнети .Нашите полицајци, откако беа попречени на патот, беа нападнати со различно оружје, вклучително и рачни бомби. Денеска е тежок ден за нашата земја. Го осудуваме овој терористички напад. Злосторството е финансирано од официјален Белград. Ние го штитиме и спроведуваме законот и независно Косово.“

Во пресрет на најавената прес-конференција на српскиот претседател Александар Вучиќ закажана за вечерва, досега единствено јавно се огласи собранискиот претседател Владимир Орлиќ, кој кажа дека Курти побрзал да вперува прст кон Србија без точно да се знае што се случило.

„Курти, побрза прво да ги обвини Србите, да каже дека тоа е некаква организирана акција и дека тоа го правеле некои професионалци, сигурно во меѓувреме ги легитимирал лично, па знае кои се и што се, значи јасно ви е се. Но, ако зборуваме за тоа кому му одговара насилство, од било каков вид – тоа е исклучиво Албин Курти и тоа сите го знаат. И се што направи во претходните месеци со најбруталниот можен терор што го вршеше врз голиот српски народ, го направи токму затоа што сакаше отворена ескалација и затоа што сакаше да доведе до некакво насилство.“

Освен косовската полиција и КФОР и ЕУЛЕКС го обезбедуваат влезот на селото, Затворени се и премините Јариње и Брњак во правец на Косово.

Во меѓувреме осуда со барање за утврдување на фактите и одговорност стигна од претставниците на ЕУ и САД. Според високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во тековните конфликти во околината на манастирот Бањска се загрозени и животи на невини и повика сите да работат на деескалација на ситуацијата. Амбасадорот на САД во Косово Џеф Ховениер пак, порача додека дека мора веднаш да се прекинат нападите, а сторителите да се соочат со правда.

Денешните инциденти следат по неуспехот на последната рунда преговори меѓу Вучиќ и Курти во Брисел, кои останаа зацементирани во ставовите околу формирањето на ЗСО и Договорот за нормализација на односите.

Извор : Вечер.MK