КУЛТУРНАТА ИЗВОНРЕДНОСТ, НАДЕЖ, ОБНОВАТА И ЗАЕДНИШТВО – СТОЛБОВИ НА ПРОГРАМАТА НА СКОПЈЕ2028

0
283

Програмата „Културата над поделбата” со која Град Скопје ја доби престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година ќе биде водилка за забрзан културен раст на Скопје и двигател на развојот на градот во годините што се пред нас. Визијата за Скопје2028 ќе овозможи Скопје да прерасне во неколкугодишна сцена која ќе овозможи граѓаните да се вклучат, да го слават и споделат своето културно наследство, да ги споделат своите креативни идеи и да ги понудат своите иновативни решенија кои ќе дадат уникатен печат и лик на Скопје како Европска престолнина на културата. На јавната презентација беа присутни Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, Евроамбасадорот Дејвид Гир, Раководното лице на проектниот тим Кристина Депо и Министерката за култура Бисера Костадиновска.

Градот Скопје за да ја оствари таа визија наскоро ќе објави меѓународен јавен повик за учество на сите креативци коишто ќе имаат можност да ги понудат своите проекти од областа на културата, уметноста, литературата, мултимедијалните уметности и да ја збогатат културната понуда на Скопје2028. Програмата за Скопје2028 се состои од четири носечки столба од кои во првиот Art4Hope се нудат вистински приказни кои носат придобивки за мнозинството и ќе дадат можност да се реализираат проекти кои нудат надеж и позитивни наративи. Целта на Градот Скопје е да се внесе живост и да ги претстави колективните достигнувања кои се важни за сите во општеството.

Столбот Togetherness е столбот на солидарноста, зашто Градот Скопје е познат како град на светската солидарност. Преку овие проекти, дискусиите и работилниците ќе се фокусираме на солидарноста, меѓусебното поврзување и почитување и за заедништвото што е карактеристика на Скопје. Проектите од столбот rECOvering треба во својата основа да имаат еко свесни и одржливи проекти, додека CreARTing е столбот во кој ќе доминира уметничката креација, а креативноста на уметниците ќе добие слобода и максимална промоција на нивните дела.

Локалните проекти во програмата беа избрани преку неколку јавни повици, а дел од интернационалните проекти произлегоа од меѓународните соработки што Градот Скопје и партнерите ги имаат преку големиот број институции, организации и универзитети од Европа, како и преку мрежите Креативна Европа, Еразмус, Медиа и други.

Значајно е да се нагласи дека програмата „Културата над поделбите“ е приказ на богатото културно наследство на Скопје и ќе го промовира минатото, сегашноста и иднината на нашиот град. Таа ги слави музиката, уметноста, танцот, литературата, односно секој сегмент на единството, затоа што културата секојдневно сите не поврзува.