Кривична пријава против директорот на Центарот за култура во Крива Паланка

0
1059

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.Р.(36) од Крива Паланка-директор на Центарот за култура во Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, продолжено кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, С.М.(57) вработен во МВР на РМ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, С.П.(42) вработена во МВР на РМ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и Д.А.(37) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „поттикнување“ сите од Крива Паланка. А.Р. искористувајќи ја службената положба со намера да прибави противправна имотна корист за Д.А., постапил спротивно на договорот за давање под закуп на недвижност, со што му овозможил непречено да користи деловен простор сопственост на националната установа со површина од 287,71 м2 во периодот од 20.05.2010 до 21.09.2015 година, за кој период истиот не извршил плаќање на месечна закупнина во висина од 47.191 денари, со што го оштетил Буџетот на РМ за износ од 2.972.685 денари. С.М. злоупотребувајќи ја службената положба како инспектор за економски криминал со цел да ги прикрие овие дејствија не постапил по наредбата на Основното јавно обвинителство-Крива Паланка со која бил должен да прибави записник за извршена контрола од страна на полиција и пазарна инспекција во дискотеката „Чарли Стил“ со цел да обезбеди материјални докази, фактури, договори и слично, кој наместо бараните податоци ги прибавил двата прегледи за кирија и долг за вода за правниот субјект „Чарли Стил Ком“.

Ваквите прегледи кои биле со невистинита содржина, со известување од 10.09.2015 година ги доставил до Јавното обвинителство, кое врз основа на нив ја отфрлило кривичната пријава против А.Р., Д.А. и други лица. С.П. како раководител на НК КР Крива Паланка, пропуштила должен надзор над работата на С.М. и со свој потпис го потврдила и одобрила изготвеното известување. Д.А. со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе го поттикнал А.Р., кој иако бил должен да го раскине договорот за закуп, поради три неплатени месечни закупнини да не го раскинува истиот се до истекот на рокот на договорот заради што изготвил изјава заверена на нотар во која внел невистинити податоци дека тој е сопственик на фирмата „Чарли Стил Ком“ иако со решение од Основниот суд Куманово правниот субјект престанал да постои од 12.05.2014 година и истото е избришано од Централниот регистар, што значи дека не може да располага со никакво движен и недвижен имот.