КОВАЧЕВСКИ : СО ПРАВИЛНИ МЕРКИ И ПОЛИТИКИ ЈА ОДРЖУВАМЕ ЛИКВИДНОСТА НА КОМПАНИИТЕ, ЈА ШТИТИМЕ ЕКОНОМИЈАТА И ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД

0
401
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски беше во посета на компанијата Мако Маркет ДОО Скопје.
„Продолжуваме со серијата посети на нашиот домашен пазар бидејќи сакаме да го следиме чекорот на нашите компании, да го слушнеме нивниот глас за мерките кои ги предлагаме бидејќи како креатори на политиките во нашата држава сме дел од нивниот развој. Како и многу други компании, и денешната е дел од стотиците компании, кои, во изминативе години беа и се поддржани со буџетски средства со што го модернизираа процесот на производство и станаа уште поконкурентни на нашиот, но и на меѓународните пазари“, изјави премиерот Ковачевски при посетата на „Мако Маркет“, која е корисник на државна помош во рамките на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Заблагодарувајќи се на компанијата која во знак на поддршка на последните владини мерки ги прилагоди цените на производите кои ги дистрибуира и кои се дел од нивното сопствено производство, премиерот Ковачевски нагласи дека Владата во изминатиот период донесе низа мерки за заштита на животниот стандард и заштита на ликвидноста на компаниите.

„Ние како Влада и министрите од економските ресори на дело, на терен овде покажуваме што е вистинска грижа за компаниите. Не само со поддршка на компаниите, туку и со подготвеноста секогаш и секаде да бидеме отворени за размена на мислења, сугестии, предлози. Затоа и сме и меѓу компаниите заедно со нивниот менаџмент, со нивните вработени, меѓутоа и заедно со  граѓаните. Ги слушаме нивните мислења, нивните потреби и затоа и носиме мерки во полза на граѓаните. Преку замрзнување на цените на основните прехранбени продукти и нивното намалување преку обезбедување на ‘гарантирана’ цена на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5% за најголем дел од основните прехранбени производи, создадовме солидна основа за да постигнеме инфлација од 5 отсто до крајот на годината. Оваа цел мислам дека е реална и остварлива“, подвлече премиерот Ковачевски, додавајќи дека Владата носи одлуки согласно движењата на пазарот и нема да дозволи профит на сметка на општото добро во време на криза.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи рече дека од 2021 година компанијата е дел од портфолиото на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и е една од  домашните компании кои во последните 5 години имаат инвестирано 500 милиони евра во нашата економија.

„Мако Маркет е пример за компанија која ја поддржуваме во нејзиниот развој, проширување и унапредување на производството, а со тоа и нејзините вработени, кои имаат стабилни и достојно платени работни места. Компанијата во 2020 година започнува инвестициски проект од над еден милион и 400 илјади евра за проширување на производствените капацитети, за што поддршката од Владата досега изнесува над 10 милиони денари“, изјави вицепремиерот Битиќи и додаде: „Со финансиската поддршка на домашните компании во нивните инвестициски циклуси, Владата води грижа преку развој на стопанството да се создаваат нови и добро платени работни места за граѓаните, но воедно се грижи и директно да го штити нивниот животен стандард преку повластените даночни стапки на основните прехранбени производи. Не само преку повластените даночни стапки од 5%, стандардот на граѓаните дополнително системски ќе го заштитиме и унапредиме  со Законот за нефер трговски практики, со кој од пазарот ќе го отстраниме неетичкото деловно однесување кое директно штети на куповната моќ.

Владата на Република Северна Македонија останува силна во својата намера системски да го развива стопанството, но и истовремено и да го штити животниот стандард на граѓаните“.

В.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, на настанот потенцира дека Инспекторатот е на терен и повторно ги повика граѓаните, ако забележат непочитување на мерките за гарантирана цена или пак какви било други прекршувања на закони да пријават во Пазарниот инспекторат.

„ДДВ од 5% си останува на основните прехранбени производи и покачување на цените нема да има и  не смее да има. Трговците може дополнително да ги намалат цените на основните производи, но во ниту еден случај да ги зголемат.

Пазарниот инспекторат постојано врши надзори, и можам да кажам дека трговците генерално се придржуваат до одлуките на Владата. Но, ако утврдиме дека некој се обидува да манипулира со граѓаните, нема да биде поштеден, напротив ќе ја добие соодветната санкција. Сите заедно треба да функционираме и да градиме правичен систем во нашата држава, а оние кои не сакаат да бидат дел од тој систем ќе бидат казнети без селекција и без компромис по сите закони по кои постапува пазарниот инспекторат“, порача в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.