КОВАЧЕВСКИ : СО ПОДДРШКА ОД ЕУ ПРЕКУ ИПАРД СОЗДАВАМЕ КОНКУРЕНТНО И ЗГОЛЕМЕНО МАКЕДОНСКО ПРОИЗВОДСТВО ПО ЕВРОПСКИ ТЕРК

0
303
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, беше во посета на компанијата „Вивакс“. На настанот присуствуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, како и амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

„Во Северна Македонија има успешни приказни, како „Вивакс“, која благодарение на ентузијазмот, иновативните идеи и вложувањата во модернизирање на производството, денес освен сокови, својата палета на производи ја има проширено со нови видови преработки од овошје, кои се произведени како уникатен македонски бренд“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање на денешниот настан.

„Денес Северна Македонија е лидер во искористеност на ИПАРД средствата, со 98% искористеност. Ја поедноставивме административната процедура, ги доближивме мерките до сите заинтересирани, и земјоделците ги препознаа придобивките. Резултатот е склучени над 2.300 договори во ИПАРД 2, и за 60% зголемени нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата“, потенцираше премиерот Ковачевски на денешниот настан, додавајќи дека ние сме и прва земја во регионот којашто е подготвена да започне со ИПАРД 3 програмата, со која ќе се понуди повеќе области за поддршка, но и авансна исплата за предложените бизнис идеи.

„Вратите на ЕУ се отворени, но ние треба да ја покажеме нашата подготвеност дека можеме и умееме да ги исполниме очекувањата на граѓаните, да ги донесеме потребните одлуки и со тоа да ја оствариме и втората стратешка цел на државата. Полноправно членство во ЕУ до 2030 е амбициозна, но верувам остварлива цел, која ќе донесе многу придобивки по пат и за граѓаните и компаниите како оваа во која сме денес“, истакна на крајот премиерот Ковачевски при денешната посета на „Вивакс“.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во своето обраќање нагласи:

„Резултатите се видливи дека со поддршка на оваа европска програма, преку инвестиции во опрема, машини и уреди за преработка, преработувачкиот сектор добива можност да започне или да го подобри постоечкиот бизнис, како што е и компанијата „Вивакс“.

Конкретно со ИПАРД програмата македонските земјоделци, стопанство и институции имаат голема поддршка од европските партнери. И тоа треба да го искористиме и да инвестираме повеќе, да станеме дополнително независни и самоодржливи во поглед на храна, енергија и економски развој“.
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир подвлече дека „Вивакс“ е уште еден пример за тоа како ЕУ помага да се направи промена овде, во Северна Македонија.

„Земјоделството е дел од идентитетот на оваа земја, нејзината култура и историја. Тоа е исто така еден од нејзините најголеми адути. Сакаме земјоделците, производителите и оние кои работат во секторот да ја обликуваат нејзината иднина. Иднина во Европската Унија. Иднина како дел од единствениот пазар на ЕУ“, потенцираше евроамбасадорот Гир, во денешното обраќање на настанот.