КОВАЧЕВСКИ : СЕКОЈ ПОЛИТИЧАР ТРЕБА ДА КАЖЕ ШТО ИЗБИРА, ЧЛНЕСТВО ВО ЕУ ИЛИ НЕИЗВЕСНОСТ

0
307

Секој политичар денеска треба да се запраша која е неговата улога за иднината на земјата. Која е неговата должност за продолжување на долгиот синџир на македонската државност?, рече денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во обраќање по повод Денот на независноста.

-Богатата историја, нашето минато и наследство секогаш ќе бидат столбот, темелот кој не потсетува од каде сме дошле.  Но денеска, прашање над сите прашања е каква е нашата одлука за иднината, кое е тоа едно, вистинско место што го избираме за да ја однесеме нашата земја.  Дали е тоа полноправно членство во ЕУ или неизвесност? Рече Ковачевски.

Одлуките што ќе ги донесеме денес ќе влијаат на иднината на нашите деца внуци и на нашата земја, додаде тој.

-Тоа ќе влијае на тоа како следната генерација ќе го слави Денот на независноста по 30 години од сега. И кога денешните деца и внуци ќе се навратат на нашето време, што ќе кажат.  Дали ќе бидат горди како што сме ние денеска горди на одлуките и делото на нашите предци или ќе не осудуваат?  Ова се прашањата на кои мора да има одговор секој политичар на денот на независноста, рече Ковачевски.

Јас одлуката ја имам донесено, СДСМ одлуката ја има донесено, мнозинството граѓани одлуката ја имаат донесено. Од денот кога ја вративме нашата независност пред повеќе од 30 години, огромното мнозинство на граѓаните, над 80% ја поддржуваат нашата заедничка визија –членството во ЕУ, дециден беше тој.

-Македонската иднина е европска и никако поинаку. Членство во ЕУ е нашата единствена алтернатива.  Имаме поддршка од нашите стратешки партнери, време е за одлука. Не ни треба изолација. Не ни треба нова неизвесност. Не смееме да ја пропуштиме историската шанса којашто е пред нас.  Едноставно тоа не смееме да им го направиме на младите, на граѓаните, на државата, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.